Твојата активност на социјалните мрежи е сеприсутна.Колку навистина ти се важни овие платформи во твојата кариера?
Без песна на која сите ќе се исплачат или забавуваат, сите останати активности кај нас музичарите се неважни или споредни. Базата врз која може да опстои една музичка кариера е музиката, но недостигот на медиумите за промоција на истата, очигледно се компензира со социјалните медиуми. Иако денес тие се единствениот простор за промоција на музиката, сепак не се одлучувачки фактор и приоритет за успешна кариера. Јас ги сфаќам социјалните медиуми како надополнување или одржување актуелност на музичарите. Во генерална смисла социјалните медиуми станаа достапност до секаков вид на внимание, без разлика на талентираноста или неталентираноста на корисниците .
Никој не купува музика повеќе ,како ти опстануваш во овој свет на незаштитени авторски и изведувачки права?
Во Македонија ситуацијата со авторските права е на најниско ниво за разлика од целиот регион, а изведувачките права скоро и да не постојат. Што повеќе да говорам кога просечни автори од Македонија земаат едвај по 1000 евра годишно од авторски права, а просечни автори од Србија земаат 30тина илјади евра годишно за отприлика ист број на напишани музички дела. Во Македонија не знам како функционираат и преживуваат колегите, но за себе можам да кажам дека живеам од музиката, најмногу од концертите и спонзорските договори на годишно ниво за рекламирање на одреден бренд како што во мојот случај веќе трета година по ред соработувам со Кроација Осигурување – Живот. Кога сме кај концертите можеби имам десетина во годината, но мене ми се доволни бидејќи поважен ми е квалитетот отколку квантитетот. Албуми, песни и спотови мораме да објавуваме без разлика на тоа колку многу пари чинат и се вложува во нив, затоа што музиката е таа која ги полни концертите со публика и ги привлекува спонзорите за го вложат својот маркетиншки буџет во нас музичарите.
Влезе многу мала во светот на шоу бизнисот,колку пати се обидоа да те повредат,да те релативизираат?
На почетокот на мојата кариера имав навистина многу непријатни искуства. Моменти кога не те сфаќаат сериозно,бидејќи си дете или мало рипче фрлено во свет на ајкули. Повредувања на чувствата,потценување на талентот и личноста, озборувања од колегите . Со тек на време секој човек се јакне и сета чувствителност и ранливост која ја поседувате на почетоците подоцна веќе исчезнува. Толку ви се напластуваат слоеви на кожата кои во одреден момент и да ве изгорат не чувствувате ништо. Но, и покрај се, покрај сите успеси и неуспеси, сфатив дека е најважно да останете човек и да не дозволите да ве направат нешто што не сте.Колку поголем успех и вредност толку поедноставни станувате, впрочем тоа го кажувам во една од моите песни: “Можеби имам многу животни искуства, но тие ме прават едноставна во сржта.”
Која е твојата црвена линија ?
Ахх 🙂 Мојот праг на толеранција е многу висок, можам да трпам, да простувам и подголтнувам “кнедли” навистина многу долго. Но кога еднаш ќе ја повлечам црвената линија веќе никогаш не се враќам назад , расчистувам засекогаш. Соодветно на мојот хороскопски знак бикот, но и бикот во вистинска смисла, кога ќе го види црвеното платно тогаш се разбеснува.
Интервјуто со Елена Ристевска за „Мој Сајт“ во целост прочитајте го ТУКА.