Ед Ширан: На мојата сопруга ѝ беше дијагностициран тумор во текот на бременоста

Славниот музичар Ед Ширан во своето обраќање на Инстаграм откри дека на неговата сопруга Шери ѝ бил дијагностициран тумор во текот на бременоста со нивното второ дете.

Имено, парот ја доби ќерката Јупитер во мај 2022 година, а исто така се родители на Лајра Антарктика.

Пејачот и неговата сопруга не се огласуваа во текот на нејзината бременост, но сега открил дека се соочувале со страв, депресија и анксиозност бидејќи ѝ бил дијагностициран тумор кој не можела да го лекува во текот на бременоста.

Ед се огласил на Инстаграм и ги открил сите детали.

„Работев на „Subtract“ една деценија, обидувајќи се да го направам совршениот акустичен албум, пишувајќи и снимајќи стотина песни со јасна визија за она што мислев дека требаше да биде. Потоа на почетокот на 2022 година, низа настани го променија мојот живот, моето ментално здравје и на крајот начинот на кој гледав на уметноста и музиката. Пишувањето песни е моја терапија. Пишував без размислување какви ќе бидат песните, само пишував што ќе ми дојдеше. И за нешто повеќе од една недела ја заменив децениската работа со своите најдлабоки и најмрачни мисли“, напишал Ширан и продолжил:

„Во рок од еден месец, на мојата бремена сопруга ѝ беше кажано дека има тумор и дека нема можност за лекување сè до породувањето. Мојот најдобар пријател Џамал, мојот брат, ненадејно почина, а јас се најдов на суд, бранејќи го својот интегритет и кариера на текстописец. Поминував низ страв, депресија и анксиозност. Се чувствував како да се гушам, главата под површина, гледам нагоре, но не можам да дојдам до воздух. Како уметник не се чувствував дека можам веродостојно да го изнесам на светот делото што не претставуваше точно каде сум и како треба да се изразам во овој момент од мојот живот“.

„Овој албум е токму тоа. Ја отвора вратата од мојата душа. За првпат не се обидувам да направам албум кој ќе им се допадне на луѓето, туку само објавувам нешто што е искрено и вистинито во мојот живот. Ова е запис во дневник од минатиот февруари и мојот начин да го сфатам тоа“, напишал Ширан во објавата, а во коментари добил бројни пораки на поддршка.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e