Здружението на новинарите на Македонија(ЗНМ) оценува дека дека извештајот за напредокот на демократијата во светот на Фридом Хаус за 2017 година, во кој Македонија се третира како земја во развој со хибриден режим, е објективен.
Најлоша оценка во извештајот Фридом Хаус е дадена во делот за независноста на медиумите и со тоа државата ја рангира во групата на авторитарни режими,поради контролата на најголем дел од медиумите. Оваа меѓународна организација забележува дека Македонија е земја каде се затвораат новинари за напишани текстови, како што е примерот со новинарот Зоран Божиновски.
„Фридом Хаус ги препознава ставовите на Здружението на новинарите на Македонија дека главен извор на кризата во медиумите е неказнивоста на насилство кон новинарите и владината корупција на медиумите. Ваквата оценка се поткрепува со податоци на ЗНМ дека во првата половина од 2016 година насилството ескалирало со физички напади, уништување на имот и опрема на новинарите и спречување да известуваат за судски постапки“, стои во соопштението од ЗНМ.
Извештајот, како што се додава, го потврди и ставот на ЗНМ дека договорот на партиите за формирање на ад хок телото за следење на медиумите нема значително да го подобри нивното известување.
„Иако АВМУ по препорака на телото покрена 68 прекршочни пријави, судот нема изречено ниту една казна, а провладините медиуми продолжиле да известуваат позитивно за ВМРО-ДПМНЕ и претежно негативно или неутрално за СДСМ. Оваа релевантна меѓународна организација тврди дека паралелното новинарско здружение отворено ги промовира ставовите на ВМРО-ДПМНЕ во врска со состојбата на медиумите“,наведуваат од ЗНМ.
Од Здружението велат дека извештајот е последен во низата, со кој целосно се разобличува коруптивниот медиумски систем во Македонија, за што во поседните шест години постојано алармираат.