Текстот е објавен на 08.04.2016 година, во неделникот „Фокус“ во бројот 1070.
Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ
Локалните избори во 2013 година ги одбележа доминација на ВМРО-ДПМНЕ, која безмалку постигна апсолутна победа, освојувајќи ги градоначалниците и советите во речиси сите општини со македонско мнозинско население, што неминовно предизвика промени во тогашното опозициското водство – демисија на Бранко Црвенковски и крунисување на Зоран Заев во нов челник на СДСМ.
И покрај ваквата убедлива победа, Никола Груевски не можеше да биде комплетно среќен и задоволен, од проста причина што ниту со скудни сили и напори не успеа да ја освои локалната самоуправа која ја пикираа како главен трофеј – Центар. Токму тука лежеа и крупни лични и бизнис интереси, па поразот од Андреј Жерновски и даде горчлив вкус на победата на власта и истовремено исфрли искра надеж за тогаш декласираната опозиција.
УВОЗ НА ГЛАСАЧИ
Колку оваа општина била битна за „преродбата“ покажуваа и обидите власта постизборно да го прекрои мнозинството во општинскиот совет и така да му ги врзе рацете на градоначалникот од противничкиот табор. Арна ама, како што открија опозиционерите, не се повтори искуството од претходните избори, кога ВМРО-ДПМНЕ со двајцата советници од НСДП и ЛДП обезбеди превласт во советот, бидејќи овојпат советниците од „помалите“ партии останале имуни на притисоците и понудите за поткуп.
Дека владеачката партија со сите сили, средства и начини се потруди да победи и во централната општина во Скопје, покажаа и „бомбите“ кои открија како на денот на изборите се правел притисок врз општинската администрација да гласа во корист на кандидатот на власта Владимир Тодоровиќ, како се исклучувале лифтови на висококатници за физички да се отсечат дел од „неподобните“ од гласачките места. Но, јавноста разбра и како имало обид да се отвори избирачкиот материјал, со цел да се види кои гласачи може да бидат предмет на обработка за следниот изборен круг и при прегласувањето.
Истовремено, релевантните домашни и меѓународни организации што ги набљудуваа изборите нотираа оти операцијата за изборен фалсификат се готвела многу пред изборниот ден, кога се впишувале неприродно голем број гласачи на една адреса, при што тоа е правено на државни станови, но и на живеалишта на роднини на експонирани јавни функционери. Впрочем, станува збор за Македонци од Албанија, пред се од Пустец, кои, како што неодамна соопштија и од Специјалното јавно обвинителство, во организација на владеачките структури практично биле „увезувани“ за да го променат расположението на гласачкото тело во корист на владеачката партија.
Меѓутоа, освен што се носеле гласачи од странство, исто така, се преселувале и гласачи од една општина во друга во земјава, каде владеачката партија веројатно проценила дека има убедлива поддршка, па нејзината победа не би била загрозена доколку дел од жителите заминат онаму каде опозицијата е фаворит. Од друга страна , пак, индикативно е што не е забележана појава на помасовна преселба во спротивен правец – од општина каде владеачката партија загуби на последните избори во општина каде победи.
ПРЕСЕЛБА ОД КАВАДАРЦИ ВО ЦЕНТАР
Според податоците до кои дојде „Фокус“, жители на неколку градови од Македонија се селеле во општина Центар непосредно пред локалните избори во 2013 година, чиј прв круг се одржа на 24 март, а набргу по оддржувањето на вториот круг на 7 април се вратиле во матичните места. Треба да се има предвид дека во Центар имаше две прегласувања, така што изборите за градоначалник овде конечно завршија на 21 април.
Поточно, гласачите – гости добивале лични карти на адреса во Општина Центар во периодот на почетокот на февруари, додека ги поништувале документите за лична идентификација главно на почетокот на јуни, што е околу еден месец по изборите. Ако се разгледаат матичните броеви на овие луѓе, тогаш воочливо е дека се работи претежно за млади лица на возраст од околу 25 години, иако во помал број има граѓани и на возраст од триесетина години и повеќе. Дополнително, некои од нив имаат исти презимиња, што сугерира дека се во роднинска врска.