Зендели: Беса не го кочи процесот на уставни измени, дебата мора да има

Процесот на уставни измени и предлог амандманите на албанската опозициска партија БЕСА беа тема на денешната средба во македонското Собрание на пратеникот од оваа партија Фадил Зендели со шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Македонија, Зоран Јанковиќ.

-Заеднички став  беше дека за граѓаните на РМ, за сите политички субјекти, една од основните цели е зачленувањето во ЕУ и НАТО. Денеска зборувавме и за уставните измени. Ние како на амбасадорот Јанковиќ му ги објаснивме нашите предлог – амандмани, што веќе се во собраниска постапка, односно што ние бараме со тие предлози. Претставникот на канцеларијата на НАТО ни кажа дека треба да се зборува за сите аспекти, и политички и уставни, што во следните денови ќе бидат дел од дебатата во Собранието и да се најде начин како да се дојде до двотретинско мнозинство и да поминат уставните измени. Но, секако, и сите заинтересирани страни да бидат задоволни од процес, рече Зендели на прес-конференција по средбата во Собранието.

На прашањето дали ќе ги поддржат предлог амандманите на Владата доколку не се прифатат нивните предлози, рече дека ќе видат во текот на дебатата, за тоа како ќе се одвива целата постапка.

-Тоа е прашање на дебата. Не можам да прејудицирам, да оставиме простор во утрешната дебата и наредните денови, како ќе рефлектира мнозинството и Владата. Ние потоа ќе излеземе со соодветен став, рече Зендели нагласувајчи дека нивните барања се суштински, а не се поднесени про форма и оти цврсто стојат на тие барања.

Запрашан за коментар на обвинувањата на вицепремиерот Бујар Османи дека со неподдржување на амандманите, албанските опозициски партии ќе бидат кочничари на процесот, Зендели рече дека тие не се кочничари.

-Ние двајцата пратеници од БЕСА ја поддржавме иницијалната постапка за уставните измени, но во текот на процесот се променија правилата на игра, се додадоа и некои нови работи кои за нас се спорни. Затоа одговорност треба да преземат тие што ги менуваат правилата на играта, наметнуваат нови правила, што не беа дел од уставните измени, ниту од дебатата за уставните измени. Османи да оди да ги праша Албанците дали прифаќаат во државјанството да бидат именувани како Македонци. Ако најде некој со поддршка, тогаш и ние ќе го поддржиме, вели Зендели.

По однос на текстот на амандманите за државјанството посочи дека заштитата на македонскиот идентитет не треба да им се наметне нив, како Албанци, бидејќи, вели, Македонија е мултиетничко општество.

За денеска е најавено продолжение на разговорите на власта со претставниците од опозициските Беса и Алијанса за Албанците за обезбедување двотретинско мнозинство за уставните измени.

На денешниот состанок на работната група составена од претставник од Кабинетот на претседателот на Владата, како овластен предлагач на уставните амандмани и на уставниот закон и претставници од раководството и пратениците од Беса, треба да бидат разгледани детално предлозите и да се дефинираат конечните позиции.

Терминот кога точно ќе се случи средбата се уште не се знае, но се знае дека работната група на Беса ќе биде составена од Пратеникот Фадил Зендели, и двајцата потпретседатели Кастриот Реџепи и Ајранит Хоџа.

За денеска е најавена и средба на претседателот на Алијансата Зијадин Села со шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во земјава Зоран Јанковиќ, на која се очекува тема да бидат токму Преспанскиот договор и уставните измени. По ова се очекува тој да се сретне и со Заев.

Третата и последна фаза од имплементацијата на Преспанскиот договор започнува утре кога е закажана седница на Собранието на Република Мкедонија за усвојување на уставните измени. За да помине текстот на амандманите на Уставот предложен од Владата треба да биде поддржан од најмалку две третини од пратениците во законодавниот дом или од 80 пратеници. Потоа топката се префла во Грција. Премиерот Заев верува во зборот  на неговиот грчки колега Ципрас, дека има парламентарно мнозинство за да се ратификува Договорот од Преспа.

Извор: НоваТВ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e