Зекири: Се што ќе се преземе ќе биде во насока на мирно примопредавање на власта

Зекири смета дека Макеоднија има капацитет да ги спроведе бараните реформи, како и дека иднината на земјата и на целиот регион е во интегрирањето во ЕУ и во НАТО

 

Предвремените парламентарни избори во Република Македонија на 11. декември минатата година, со кои требаше да се стави крај на политичката криза во земјата, уште повеќе ја продлабочија кризата, таа од политичка стана институционална криза.

Една од причините за продлабочувањето на оваа криза е неформирање на новата влада. Најпрвин, претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов, мандатот за формирање на новата влада му го додели на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, партијата која освои најголем број гласови на изборите, но сепак во преговорите за формирање влада не успеа да се договори со другите партии. Потоа, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов одби да му го врачи мандатот на лидерот на Социјал Демократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев, изјавувајќи дека „нема да му го додели мандатот на секој оној што преговара за платофрми на други држави, со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзиниот суверенитет и независноста.”

Во меѓувреме, последните неколку дена, илјадници македонски граѓани маршираат по улиците на Скопје против платформата на албанските политички партии во Македонија која беше постигната по изборите на 11. декември, преку која албанските лидери ветија дека нема да учествуваат во Владата на Република Македонија ако не се исполнат барањата наведени во неа. Едно од клучните барања на граѓните коишто протестираат е да не биде прифатен Законот за двојазичност на целата територија на Македонија, затоа што, според нив, употребата на албанскиот јазик на целата територија на земјата ќе ја одведе земјата кон редефинирање.

Пратеникот од редовите на Социјал Демократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) Мухамед Зекири, во разговор за Аnadolu Agency (AA), вели дека ќе беше почесно ако оваа платформа на албанските политички партии ќе беше направена пред почетокот на изборната кампања.

Тој смета дека платформата не е во спротивност на Уставот на Република Македонија, како и дека барањата во платформата албанските политички партии ги артикулираа преку нивните политички партии и тие не се нешто ново во македонската јавност. Зекири смета дека токму Албанците кои се втора етничка заедница по големина во Република Македонија го гарантираат унитарниот карактер на Македонија и се грижат за доброто на оваа земја.

– Вистината за настаните „Сопот”, „Монструм”, и „Куманово” мора да излезе на виделина

Во разговор за AA, пратеникот Зекири зборуваше за актуелната политичка и општествена состојба во Макеоднија, за претставената програма на Владата на СДСМ, како и за идните можни сценарија на политичката сцена во земјата.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, претставувајќи ја „Предлог Програма на Владата” во седиштето на партијата, вчера најави расветлување на настаните во Куманово од 9 и 10 мај 2015 година, како и расветлување на случаите „Монструм”, и „Сопот” изјавувајќи дека ќе побараат и меѓународна поддршка за истрагата. Во контекст на ова прашање, Зекири вели дека приоритетно за граѓаните на Македонија е владеење на правото.

„Тоа мора да се случи тоа е еден од нашите приоритети. Приоритетно за граѓаните на Македонија е владеење на правото. Тоа се случаи коишто беа спомнати и кои што се спомнуваат во нашата програма и коишто се искористени за подгревање на меѓуетничките тензии, а за жал, отидоа и невини човечки животи. Кумановските настани се малку покомплицирани, затоа ќе побараме помош од меѓународната заедница којашто треба да ни помогне да се расчисти тој случај. Може да се расчисти, има доволно докази за да се види кој стои зад тој настан и за какви цели е направен”, вели Зекири додавајќи дека вистината мора да се дознае за доброто на сите граѓани.

„Има уште неколку сензитивни случаи кои што бараат решение и правдата да излезе на виделина. Се спомнува случајот Сопот, Монструм, Нешкоски, Младенов, тоа се случаи кои што мора да се решат и ние за тоа се залагаме, и ќе го направиме. Не смее ниту еден невин граѓанин на Македонија да биде во затвор. За жал, има многу невини граѓани кои што се во затвори а вистинските криминалци се на слобода. Затоа тоа е еден од приоритетите во нашата владина програма и ние ќе го расветлиме. За сите случаи ние земаме обврска да ги расветлиме до крај”, истакнува тој.

Не верува дека со расветлување на овие сензитивни случаи Македонија може да влезе во нова криза, туку смета дека ќе се релаксираат односите на граѓаните.

„Со излегување на виделина на виситината не може да влеземе во нова криза. Затоа ќе се релаксираат односите и граѓаните кога ќе ја дознаат вистината кој навистина ги провоцирал тие настани кој стои зад таквите монструозни планови, тогаш граѓаните можат само да го поздават тоа. Има ли нешто подобро за граѓаните да се дознае вистината а невини кои биле во затвор да бидат ослободени, а вистинските виновници да бидат на нивно место? Нема. Тоа ќе биде поздравено од граѓаните затоа што ќе увидат дека Владата ќе работи во интерес на сите”, смета пратеникот Зекири.

Во однос на најавите дека СДСМ во бомбите ќе ги открие деталите за случајот Монструм кои сеуште не ги откри, Зекири вели дека СДСМ тогаш сметал дека не е добро да се објават поради подгревање на меѓуетничките тензии.

„Ние сите знаеме и не е далеку 2015 година. Во времето кога се планираше да се објавуваат бомбите за Монструм ни се случи Куманово. Тоа не е случајно, за да се заташка работата за да не се дозволи тоа да се објави. Тогаш проценката на СДСМ беше да не се објави во тој период за да не се подгреваат уште повеќе меѓуетничките тензии и не беа пуштени. Бомбите за Монструм сега ги има Специјалното јавно обвинителство. Веќе предметот им е готов. Затоа беше побарано да се донесе закон за заштита на сведоци. Откако ќе почнеме да работиме во Собрание, меѓу првите закони мораме да го донесеме Законот за заштита на сведоци кој што ќе гарантира безбедност на оние коишто ќе сакаат да зборуваат за доказите кои ги имаат за тие случаи. Не треба да има никој сомневане дека вистината за тие случаи ќе излезе на виделина”, вели Зекири.

За претставената „Предлог Програма на Владата” вели дека е реална и остварлива, што ќе го докажат со остварување на ветеното.

„Сето тоа ние не би го ставиле во владината програма дококлку не сме убедени дека ќе го реализираме на крај. Имаме експерти наши луѓе кои што работеле на програмата и имаме начини како да го реализираме. Секако, не сме го напишале тоа само колку да стои во програмата. Не сме тука да смениме една власт и да ги праивме истите грешки. Тоа е анализирано многу порано, пред почетокот на изборите, сега сето тоа е преточено во владината програма. Ова ќе биде реформска влада која ќе ги направи реформите и која ќе ги донесе сите тие резултати. Има начини, ако не се краде, има начин и да се стигне до просечна плата од 500 евра”, вели Зекири.

– „Се што ќе се преземе ќе биде во насока на мирно примопредавање на власта”

Од СДСМ најавија дека доколку во наредните денови не го добијат мандатот за формирање на нова Влада од претседателот Иванов имаат и друг план со кој ќе го остварат тоа. Зекири вели дека се ќе биде во насока на мирно примопредавање на власта.

„Ако е план Б секако дека за тоа треба да се почека за да ги кажеме чекорите. Се што ќе се преземе ќе биде во насока на мирно примопредавање на власта, односно на доаѓање на власт на политичките сили коишто докажаа дека имаат мнозинство. Начинот како тоа ќе го направиме, останува на нашиот лидер да го објави и секако тоа е дел од наша поширока анализа во партијата”, вели Зекири.

Во врска со протестите на граѓаните предводени од новоформираната граѓанска организација „Заедничка Македонија” кои зпочнаа уште пред две недели за да го искажат својот револт поради прифаќање на платфмормата на албанските политички партии во Македонија, вели дека целта на протестите е сосема друга, и дека никој нема потреба да се плаши од загрозување на унитарниот карактер и суверенитетот на Македонија.

Зекири не верува дека може да дојде до зголемување на тензиите и вели дека работат внимателно за да не придонесат за подгревање на тензиите.

„Не сакам да зборувам за хипотетички ситуации. Ние работиме да не придонесеме за подгревање на тензиите. Затоа, одиме чекор по чеокор. Некои имаа некакви дилеми до вчера, од вчера нема дилеми. Претседателот Заев излезе јавно и одговараше на сите прашања, ја презентираше програмата. Нека излезе некој и нека каже со кој дел од програмата се нарушува унитарниот карактер на Република Македонија”, изјавува пратеникот Зекири.

– „Ќе бидам најголемиот критичар на партијата ако не стоиме зад ветувањата”

Како нов политичар во македонската политика, Зекири вели дека во политиката не влегува за да ги повтори грешките на претходните политичари, туку поради политика која може да биде поинаква, одржувајќи го ветениот збор.

„Во овој момент, доколку видам дека некој има тенденција да отстапи од нашата програма и она што го претставивме пред електоратот во текот на кампањата, се разбира дека нема да молчам и јас ќе го кренам гласот, исто како што го кренав пред да влезам во политиката. Фактот што сум овде, не значи дека доколку сум дел од еден политички субјект ќе молчам ако видам дека некој отстапува и прави грешки. Јас ќе кренам гласот и ќе бидам најголемиот критичар во партијата ако не стоиме зад тоа што сме им го ветиле на нашите граѓани“, порачува Зекири.

– Односи со соседите: Македонија нема отворени прашања единствено со Албанија и со Косово

Во последно време дојде до одредено нарушувње на соседските односи со различни изјави на политичарите од соседните земји. Пратеникот Зекири смета дека само со градење на добри меѓусоседски односи може да се изгради посветла иднина и подобра перспектива.

„Соседите треба да ги третираме како наши најголеми пријатели. Ако некому нешто лошо се случи први треба да помогнат соседите и ние треба да работиме тука да ги релаксираме тие односи. Начинот е како ќе се релаксираат односите, да не се провоцираме меѓу себе. Нема потреба. Знаеме дека Македонија има отворени прашања со речиси сите соседи. Единствено со кого нема отворени прашања тоа се Албанија и Косово. Сега оваа влaда сакаше да не втурне и во проблеми и со Албанија. Нема да се провоцираме туку заеднички да ги решаваме проблемите доколку се појавуваат. Не е добро за никој ако ние се караме меѓу себе, првин внатре а после тоа и со првите наши соседи. Секого треба да го третираме како наш пријател. Со инает нема да стасаме никаде и тоа не е одговорна политика”, вели Зекири и истакнува:

„Во турбулентни времиња секако дека се појавуваат поедници во земјите кои што можеби имаат некакви аспирации кон нас и ќе провоцираат, но треба да се размислува со ладни глави, а во одредени моменти е можеби подобро да се игнорираат неодговорни полиричари од соседните земји кои сакаат намерно да провоцираат дебата или да отворат расправа меѓу земјите.”

– Иднината на Македонија и регионот е во ЕУ и во НАТО

Зекири смета дека Македонија иако има застој во евроатланскиот процес, сепак има капацитет да ги спроведе бараните реформи, како и дека иднината на земјата и на целиот регион е во интегрирањето во ЕУ и во НАТО.

„Македонија едно време беше лидер во интеграциите во НАТО и ЕУ. Од 2006 наваму имаме назадување. Тогаш не постоеше Црна Гора како држава, сега Црна Гора е членка на НАТО. Косово не беше држава. Косово веќе има Договор за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Бевме пред Хрватска и Албанија во нашите реформи, сега овие држави се во НАТО. Ние останавме црна дупка на Балканот. Ние имаме капацитет и можеме да ги спроведеме бараните реформи. Многу поинтензивно ќе работиме за да ги реализираме тие реформи и да станеме дел од НАТО и ЕУ. Бидејќи нашата иднина е таму, Македонија нема друга иднина, како што нема ни целиот регион. Иднинанта на регионот е да бидеме дел од европското семејство, да соработуваме и на економски план меѓу себе и да имаме слободно двиежење и на регионот и пошироко”, смета Зекири.

– Турција е еден од најголемите пријатели на Македонија

Република Турција, пратеникот Зекири ја гледа како една од најпријателски настроените земји кон Македонија и смета дека односите со оваа земја треба и понатаму да се продлабочуваат и унапредуваат.

„Турција е една од најголемите пријателски земји на Македонија. Таа е стратешки партнер на Македонија и тие односи треба само да се продлабочуваат. И од економски и од дипломатски и од пријателски план. Ние тие односи ќе ги негуваме и ќе ги унапредуваме. Тоа е интерес и на нашите граѓани. Знаеме колку наши иселеници има во Турција, колку посетители туристи имаме од Турција и тие односи мора да се негуваат и унапредуваат”, вели пратеникот Зекири.

Извор: aa.com.tr

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e