Ко-претседавачот на Европскиот совет за надворешни односи Карл Билт денеска се сретна со претседателот на ДУИ Али Ахмети. Средбата се одржа во седиштето на ДУИ во тетовска Мала Речица.
– Дојдов тука за да ги слушнам и овдешните ставови за состојбата. Како што кажав и со мојот исказ на Твитер – демократијата, Уставот и Европа тоа се моите принципи што ме водат и сметам дека и нивното почитување тука ќе ја води Македонија напред, изјави Билт по средбата.
Во однос на најавата од кабинетот на претседателот на Македонија Ѓорге Иванов дека нема да се сретне со него Билт изјави дека чул за тоа, но оти претходно не знаел.
– Среќен сум поради тоа бидејќи немам многу време, така што, дури и да сакаше да се сретнеме ќе немав време за таква средба, бидејќи треба да се сретнеме со главните играчи на политичката сцена, рече Билт.
Претседателот на ДУИ Ахмети посочи дека средбата била интересна поради големото искуство на Карл Билт со земјите од западен Балкан и менаџирање на состојбите во Босна и Херцеговина, Косово како и во Македонија.
– Сега меѓунардоната заедница е заинтересирана да и се помогне на Македонија за излез од политичката криза. Јас ги информирав дека ДУИ ги направи сите свои обврски околу формирање на новото мнозинство, дека сме ја дале нашата подршка и правиме напори да се надмине оваа криза, но, секако дека е потребно олеснување на пороцесот од страна на нашите пријатели. Ќе видиме како и дали ќе рефлектираат страните во овој процес, меѓутоа главната политичка одговорност паѓа на големите македонски партии СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. Тие да се надминат себеси и да го стават интересот на државата. Не гледаме дека предвремените избори се решение за состојбата, изјави Ахмети.
Во однос на информациите дека СДСМ имал намера да свика седница на Парламентот пред празниците, а од ДУИ одбиле Ахмети посочи дека тоа се шпекулации бидејќи, како што рече, Собранието функционирало а и имало согласност тоа да не работи пет денови, и со работа да продолжи денеска.
На прашањето дали ДУИ би прифатило седница на Собранието свикана од СДСМ за да се помине на точка за избор на претседател на Собранието без ВМРО ДПМНЕ Ахмети рече дека сите треба разумно да се однесуваат во оваа состојба.
– За сите чекори што ќе водат кон конституирање на Собранието согласно Уставот и законите ние ќе учествуваме. Во моментот нема некоја комуникација помеѓу лидерите на партиите за свикување на некоја лидерска средба, рече по средбата Ахмети.
Извор: А1он