Четириесет и четворица Американци денеска ќе дадат заклетва пред американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли и официјално ќе станат волонтери на Мировниот корпус, кој во Македонија прославува 20 години од постоењето.
Новите волонтери ќе се приклучат на повеќе од 680 американски државјани коишто биле во Македонија, од отворањето на Корпусот во 1996 година. Новата група волонтери е 21-ва што ќе живее и работи во Македонија.
– Овој настан ќе го одбележи успешното завршување на интензивната 11-неделна обука во која волонтерите го изучуваат македонскиот и албанскиот јазик и култура. По давањето заклетва, новите волонтери на Мировниот корпус ќе ја почнат својата двегодишна служба во заедниците низ Македонија, соопшти Корпусот.
Преку своите активности, доброволците на Мировниот корпус промовираат мир во меѓународната заедница и подобро разбирање меѓу луѓето од различни култури и традиции.
