До пред неколку дена не знаевме дека имаме 35 – годишна ќерка во Русија, еве сега од социјалните мрежи дознавме – вака во телефонски разговор за “Фокус“, Зорица Заева ги коментира приказните за младата жена, фотографирана покрај луксузен автомобил со украсна лента, за која што неинформираните тврдат е нивната ќерка Александра, а некои пак дека станува збор за Ева, внуката од брат на Зоран Заев.
Шпекулациите дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев пред неколку дена и подарил луксузен автомобил на својата шеснаесет годишна ќерка почнаа со постирање на неколку фотографии на социјалните мрежи. Дел од јавноста коментира дека се работи за Александра, која што скапиот подарок го добила како роденденско изненадување од родителите.
Фотографиите беа меѓу најсподелуваните деновиве, а оние што ги споделуваат не се ни запрашаа дали навистина се работи за ќерката или внуката на Заеви.
Младата жена на фотографиите, не е ниту Александра, ниту пак нејзината братучетка Ева, туку станува збор за познатата руска блогерка Софиа Саравда. Таа е позната како Инстаграм ѕвезда, која најчесто се фотографира со модерни автомобили, покрај базени, или пак во својот раскошно уреден дом.
На нејзните фотографии често се појавува и нејзината седумгодишна ќерка, и Заеви се изненадени од лагите кои што молскавично се проширија во јавноста, прашувајќи се како луѓето не можат да направат разлика помеѓу 35 -годишна жена и шеснаесет годишно девојче.
Извор: Фокус