“Денеска сум овде да склучиме договор и склучивме договор со текстилните работнички, со работниците ширум цела Македонија, посебно во Штип заради тоа што овој град претставува симбол на работниците од секогаш како и денеска.
За жал достоинството на нашиот работник е уништено. 9.5000 денари е минималната плата. Има плати по 6.000, по 7.000, по 8.000, по 9.000 денари.
Ние се договоривме! Во првите четири месеци минималната плата ќе ја покачиме на 12.000 денари!
Тоа значи ако досега некој зимал 9.500 денари ќе зема 12.000 денари!
Тој што земал 11.500 денари ќе добие 14.500 денари!
Спиралата на покачувањето на минималната плата ќе има позитивен ефект за севкупните плати.
Целта е на крајот до мандатот минималната плата да дојде до 16.00 0 денари.
Потенцирам, зборуваме за минимална плата заради тоа што таа е основата за спиралата на покачувањата на платите на работниците!
Наша цел е просечната плата да биде 30.000 денари! Во едно семејство со двајца родители и деца да добиваат приход од 1.000 евра месечно!
Дополнително на ваквите приходи ќе изгенерираме политики коишто ќе ги враќаат парите назад кон граѓаните.
Секој граѓанин ќе има право на поврат на 15% од данокот на додадена вредност којшто го плаќа буквално на сите сметки и на се што троши во државата. Тоа ќе овозможи просечно уште 30.000 денари приход само по основ на поврат на ДДВ!
Посиромашните ќе плаќаат помали јавни давачки. Најзагрозените ќе бидат целосно ослободени од јавните давачки. Конечна цел во ова наше општество мора да биде да ја вратиме средната класа, да им помогнеме на најсиромашните, народот наш да има пари.
Ако народот има пари ќе живее и ќе се движи и чаршијата и во пазарот денеска ќе се продаваат земјоделските производи.
Мораме да создадеме праведно општество, општество во коешто иднина ќе гледаат сите.
Жално е што народот денеска по чаршијата ни вели:
,,Едно е што нема народ заминаа младите луѓе друго и тој народ што го има овде е сиромашен. Затоа и на пазарен ден сефте не можеме да направиме. Ова не било никогаш така како што е денеска.“
На 11 декември работите во Македонија ќе се променат. Ќе градиме општество кадешто нашата земја ќе биде мајка подеднакво за сите граѓани. Ќе имаме општество со вратена насмевка на сите граѓани. Ќе ја изградиме Македонија како земја за достоинствен живот на сите граѓани”, вели лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Одговори на новинарски прашања,
Медиуми: Дали вчера на Извршен одбор утврдувавте кандидатски листи?
Заев: Се уште е рано, ние сме во разговори и преговори со политичките партии за склучување на коалиционо раздвижување и разговараме со многу интелектуалци, граѓани, индивидуалци од секој дел на Македонија, од секој аспект и од секој сегмент на општественото живеење. Разговараме со професори, разговараме со работници, разговараме со земјоделци, разговараме со пензионери. СДСМ и партиите од левицата и од центарот склучија коалиција со граѓаните и тие ќе бидат застапени насекаде по нашите листи. Штом ќе бидат додефинирани коалиционите сојузи веднаш после тоа ќе преминеме на одлуките на кандидати од страна на СДСМ. Значи во редоследот на одлучување ги оставивме последни, се уште е рано, верувам дека многу брзо ќе можеме да соопштиме кои се конечно кандидатите на листите од страна на СДСМ и здружената опозиција.
Медиуми: Што мислите, колку сведоци има СЈО?
Заев: Јас сум Зоран Заев, човекот којшто ги поседуваше бомбите и ги предаде на Специјалното Јавно Обвинителство. Еден процент да има сведоци од тоа што сум го изнаслушал таму во тие разговори, верувам дека многу лесно, со огромна леснотија ќе се правдата и правната држава во Република Македонија. За сите прашања поврзани со СЈО, ќе мора да ги прашате нив. Ние сме политичари и политички партии коишто одлучивме заедно сите да формираме една независна институција којашто ќе се занимава и ќе излезе со резултат за се што е поврзано, и произлегува од незаконското прислушкување. Ова што вчера го гледаме е еден процес што треба да утврди кој всушност прислушувал во Македонија. Тоа е огромно кривично дело, тоа е злоупотреба на основните човекови слободи и права, правото на комуникација и општење, тоа е дефинирано во Уставот на Република Македонија. Во Република Македонија правдата ќе се врати и правда ќе има. Законот мора подеднакво да важи за сите, без разлика дали е влијателен политичар, дали е невлијателен политичар, дали е работник, дали е бизнисмен. Правдата и законот мора да важат подеднакво за сите.
Медиуми: Како сте задоволни од работата на советничките групи?
Заев: Од страна на советничките групи, генерално во Република Македонија сме задоволно затоа што ако не беше ова коалиционо движење, зборувајќи на централно ниво, но и на локално ниво, работите ќе беа уште позабегани и без било каква можност да бидат спречени, сите тие злоупотреби и сите овие, би ги нарекол апашки и бандидткски работи што се случуваат во Македонија. Во Македонија народот се пљачка на ангро. Од една страна трошоците се зголемени до небото, од друга страна приходите се обезвреднети до земјата. Не може вака да продолжи, треба уште повеќе опозицијата да зборува од целиот овој период, но многу е важно да си го даде зборот за после промените што всушност ќе почувствуваат граѓаните како нивна лична придобивка. Затоа сум јас денеска овде и зборувам со овие текстилни работнички, со овие млади луѓе, да склучиме договор. Мора да склучиме договор за да живееме подобро, да ни останат децата овде. Не може со 9.000 денари примања на една текстилна работничка да добие дома сметка од 2.000 денари за вода, 3.000 денари за струја, телефоните се некаде околу 2.000 денари… Отиде платата, а каде е храната, каде е облеката, каде е организацијата на младите, и образованието на децата?
Никогаш попонижен не бил животот на работникот во Македонија, тоа мораме да го промениме тоа се свесни сите дека е правата работа којашто мора да се случи. Затоа првата цел е да ги вратиме парите назад кон граѓаните. Ако народот наш има пари ќе ни ја биде државата. Еве сега да може да пушти некој 4 милиони евра, не 400 милиони евра колку што краде власта, 4 милиони евра по народот, веднаш ќе ја видите раздвижена чаршијата, веднаш ќе биде раздвижен и пазарот. Нашиот народ ги троши парите. Трошејќи ги парите пак се враќаат во државата, нема зијан од враќање на парите назад кон државата, тоа е она за коешто ќе се залагаме. И имаме план, имаме план за живот во Македонија, за младите да ни останат овде да ја вратиме насмевката кај граѓаните, пополека да го вратиме животот во нашата земја.
Медиуми: Дали ќе има дуел Заев-Груевски?
Заев: Заслужува граѓанинот на Македонија да има дебата меѓу шефот на опозицијата и шефот на владејачката партија. Тежнееме да бидеме демократско општество, нема зошто да се плаши Груевски, мора да ги спротивставиме ние нашите ставови. Само така граѓаните ќе знаат што е суштината во проблемот, и што се во суштина решенијата на самиот проблем од било кој аспект во Македонија. Се надевам, повикувам најдоборонамерно, обврска на сите нас е да седнеме на дебати, да организираме неколку дебати, да разговаме за проблемите во Македонија. Тој знае многу добро дека заминува, но неговата партија ќе остане во опозиција. Животот не завршува на 11 декември, мораме заедно сите да живееме во Македонија. Овој наш народ очекува единство, очекува рамноправност, очекува сплотеност. Преку главата им е на луѓето од било какви делби, и по етничка основа, и по основ на политичка, и по религиозна основа, и по било која основа, заврши тоа време. Само заедно сплотени, здружени, можеме да очекуваме напредок којшто ќе го почувствува не само Република Македонија, туку секое семејство во Република Македонија. Меѓудругото тоа полесно ќе се случи ако има дебати, ако има дуели. Еве неколку луѓе се охрабрија, прифатија, на ред е дуелот Никола Груевски – Зоран Заев.
Медиуми: Видовме неколку дебати меѓу власта и опозицијата во последниот период. Дали ќе има и на највисоко ниво?
Заев: Отварајте иницијатива, отварајте иницијативи за дебати. Јас сум лидер на најголемата опозициона партија. Знаат сите наши претставници и овде од Штип, но и по цела Македонија, драгоцена е дебатата, насекаде сме присутни и со секој ќе дебатираме. Ние сме на вистинската страна и нема што да криеме. И на крајот дај да ги споредиме фактите и аргументите, дај народот нека цени преку тоа. Апелирам до медиумите да повикуваат на дебати и дуели помеѓу власта и опозицијата.
За поврзани вести продолжете надолу