Прилеп е град на слободата и е спремен за новиот наш ден на слободата, а тој ден е 11 декември. Првиот митинг се почнува од пркосниот Прилеп каде ние ќе победиме, изјави во понеделник вечер претседателот на СДСМ Зоран Заев, на првиот митинг во предизборната кампања.
Тој го повика лидерот на ВМРО-ДППМНЕ Никола Груевски на ТВ дуел.
„Тој ќе бега, но тоа нема да нѐ спречи да ги запреме. Го дигнавме гласот одамна. Сите после тоа се охрабрија. Бевме по сите сокаци и улици низ земјава. Шарената револуцијата го одбележа нашиот пркос. Сега сме во финале. Мораме да ги запреме солзите на нашите сограѓани, чии деца бегаат во странство од оваа беда. Никој нема каде да се обрати, бидејќи сите институции се партиски. Ова е криминална влада. Тие направиле државен удар, сите нѐ прислушувале“, рече Заев.
Претседателот на СДСМ најави повисоки плати и поголеми субвенции за тутунот.
„Ќе ги насочиме сите пари кон граѓаните, ќе го вратиме секој денар од ДДВ кон граѓаните. Тие пари значат една детска соба, за радост на вашето дете, еден летен одмор за цело семејство. Институциите ќе работат само за граѓаните. Секој кој градел од граѓаните ќе одговара, ќе одговара пред законот и украдените пари ќе и ги врати на граѓаните. Нашиот план е базиран на реалност ако сакаме Македонија да функционира. Вие знаете колку труд имаме вложено во нашиот план, бидејќи го правевеме заедно. Вие знаете дека не е бајка. Груевски не е ништо освен криминалец. Тој зад себе остави само криминал и корупција. Ги трошат народните пари за да се богатат. Народот е сведок за нивните криминални дела. Срам да им е. Ова злосторство никогаш нема да им го заборавиме. Македонија ќе доживее промени на 11 декември“, рече Заев.