Одговори на новинарски прашања
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Битола 15.12.2016
Медиуми: Најавивте европска влада, дали тоа значи дека би влегле во широка коалиција со Груевски?
Заев: Јас не би коментирал никакви чекори. Да почекаме државните институции да ја завршат својата работа сега дојде време и период да одлучува ДИК, ако има потреба ќе одлучува и Управниот Суд. Мандатите дали ќе бидат 51 : 49 или ќе бидат 50 : 50, или пак СДСМ ќе има 50, ВМРО ДПМНЕ 49, тоа не влијае во формирањето на владата, владата ќе се формира без Никола Груевски, Никола Груевски не може да ја формира новата влада. И тука е повеќе од јасно, знаејќи го тоа не ни требаат никакви радикализми или лоши работи. Штом ќе завршат официјалните и конечните резултати, сè навремено ќе соопштуваме за граѓаните. Јас знам дека ова мора да биде основата на идното дејствување на владата на Република Македонија.
Медиуми: Дали ќе ја тужите наставничката што излезе со крстот со вашето име?
Заев: Не. Јас и простив уште во истиот момент. Потенцирам, социјалдемократ сум и пред се припаѓам и водам партија, но јас сум и православен христијанин. Знаете, крстот кај нас православните не е симбол на смртта, туку симбол на воскресението. Се надевам дека ќе воскресне оваа наша Македонија и се надевам дека сите граѓани ќе живеат убав, среќен, спокоен и бериќетен живот за сите.
Медиуми: Рековте дека Никола Груевски не може да формира влада. Дали може да формира влада доколку има 61 пратеник, а ако не може во случај на 61 дали вие ќе формирате влада и со кој. И дали ќе ги почитувате одлуките на ДИК?
Заев: Еве вака. Ние повикавме на транспарентни одлуки денеска во мојата изјава токму тоа го кажав, сега е време да дадеме шанса на одлуки на ДИК и евентуално ако има тужби или жалби до Управниот суд, тие ќе бидат конечни одлуки, согласно тие конечни одлуки ќе почнат и политичките преговарања за формирање на мнозинство кое што согласно уставот треба да биде потврдено пред Ѓорѓи Иванов кој го доделува мандатот. Тие се чекори, чекор по чекор, Македонија покажа трпение и со мнозинство гласови покажа дека е за промени, промените се здрава работа да не се плашиме од нив, тоа се добра работа. Најавувам еве и после завршени избори. Помирување, единство, сплотеност, доста ни е од делби и поделби.