Заев: Ги јакнеме капацитетите на општините за севкупен економски прогрес

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министри во Владата на Република Македонија учествуваше на Конференцијата „Децентрализација: Патот што претстои“, во организација на ЗЕЛС и ОБСЕ.

На конференцијата се отворија важни теми кои се однесуваат на процесот на децентрализација, начините за подигнување на капацитетноста на општините и идните правци на соработка помеѓу централната и локалната власт.

Конференцијата беше отворена со воведни обраќања на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов и шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија, Клеменс Која.

Во прилог на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целина:

Особена чест ми претставува што ја имам можноста да ја отворам Националната конференција за градоначалници насловена како „Децентрализација: Патот што претстои“, на којашто ќе разговараме за многу важни прашања што ги засегаат граѓаните и локалната заедница.

Како централна власт преземавме обврска да работиме заедно со општините во решавање на наталожените проблеми на локално ниво и за реализација на развојни проекти за да можат граѓаните да добиваат навремени, ефикасни и квалитетни услуги. Истовремено должни сме, и како централна и како локална власт, да ги подобриме условите за живот на сите граѓани во секој град, село и населено место во Република Македонија.

Заеднички именител на општините и централната власт се граѓаните. Постоиме за ним да им служиме. На самиот почеток сакам да кажам дека локалните самоуправи имаат пријателска централна власт којашто сака да биде од помош на јакнењето на капацитетите на локалната самоуправа.

Имаме обврска, заедно да работиме за да ги исполниме очекувањата на нашите граѓани кои ни ја дадоа довербата и честа да креираме политики кои имаат за цел да го подобрат квалитетот на живот и на централно и на локално ниво.

Процесот на децентрализацијата мора да се заокружи на системски начин кој ќе им овозможи на општините да бидат функционални и финансиски стабилни, а од друга страна непречено и квалитетно да ги извршуваат обврските и услугите кон граѓаните.

Од тие причини и денешната конференција е многу значајна во реализацијата на таквите наши заеднички цели.

Владата на Република Македонија за овој краток временски период од 18 месеци ги врати општините и рамномерниот регионален развој високо на својата агенда на приоритети.

Во 2019 година за рамномерен регионален развој издвоивме за 100% повеќе пари во однос на 2017, или за над 50 насто повеќе во однос на 2018 година. Од 3,5 милиони евра во 2017 та година, за наредната година за проекти за рамномерен регионален развој во планските региони и во општините, се обезбедени 7 милиони евра. Наша цел е овие средства континуирано да се зголемуваат се до целосната трансформација и целосното насочување за реализација на Законот за рамномерен регионален развој по кој треба да се обезбедат законските 1% од БДП со зафаќање од капиталните инвестиции кои што би се распределувале според степенот на развиеност во сите плански региони.

Знаејќи со какви тешки финансиски проблеми и големи долгови се соочуваа најголем дел од општините Владата на Република Македонија со ребалансот на Буџетот за 2018 со 50 милиони евра вкупен износ на финансиски средства им помогна на општините да сервисираат 50% од својот долг.

Целта на ваквиот чекор е да се ослободи развојниот потенцијал на општините кој беше долги години заробен во наталожени долгови и блокирани сметки.

Се работи за еднократна помош, без обврска за враќање во централниот буџет со цел јакнење на капацитети на единиците на локална самоуправа. За да се спречи повторување на ваквата непожелна ситуација се воведе фискално правило со цел да се стават буџетите на општините во една реална рамка на планирање.

Сакам да ве охрабрам од мое име и од име на Владата, а верувам имам прво и од името на Парламентот, сите градоначалници, сектори за финансии и советите да сметате на нашата флексибилност и на нашиот партнерски однос за спроведување на ова ново правило. Знам дека не е лесно да се испроектираат буџетите со ваквото ново фискално правило, но ние остануваме партнер на општините и верувајте дека нема да дозволиме ниту една општина да го закочи својот развој заради ова ново фискално правило. Сите сме согласни дека мора да ставиме ред за да не продолжат да растат ваквите еклатантни долгови којшто во општините ги има. Уште еднаш само напоменувам, долговите на општините беа повеќе од 6 милијарди денари, ако ги ставиме и локалните јавни претпријатија износот е најмалку двократно поголем.

Паралелно се работи на ревидирање на блок дотациите со кои што се финансираат надлежностите во областа на образованието, детската заштита, културата, противпожарната заштита. Во брзо време, со поддршка на Светска банка ќе бидат предложени нови модели на финансирање на овие надлежности, што ќе придонесе за поефективна, поефикасна и одржлива испорака на услугите од страна на општините кон граѓаните.

Она што сакам да го најавам на оваа конференција се големи инвестициски вложувања во локалната инфраструктура и тоа во изградба на локални и регионални патишта, градинки и канализацииона и водоводна инфраструктура, како и основни и средни училишта.

Работиме на тоа и ќе обезбедиме 70 милиони евра од Светска Банка за изградба и реконструкција на локални патишта и 50 милиони евра од Европската инвестициона банка за изградба и реконструкција на водоводи и канализации. Станува збор за кредитни линии кои ќе станат оперативни уште почетокот на 2019. Во овој процес е важно општините да имаат изработено квалитетни и ревидирани проекти кои ќе ги доставуваат до Министерството за транспорт и врски за да можат да повлекуваат повеќе пари од кредитните линии и да започнат со реализација на проектите. Токму преку овие најсериозни капитални инвестиции во локални патишта, водоводи и канализации, градинките и училиштата имаме намера паралелно со еднократната финансиската помош да ги стабилизираме општините финансиски капацитетно за да може државата да смета на овој сериозен капацитет којшто за жал во Македонија сеуште не е соодветно ниту пак доволно искористен.

Во тек е проект на изградба на канализациони и водоводни мрежи од ЕИБ во висина од 50 милиони евра, од кои остануваат уште меѓу 10 и 12 милиони евра за реализација. Апелирам до општините да ги искористите овие пари. Кредитите не ги враќате вие, Владата, односно државата ќе ги враќа овие кредити и треба да се искористат овие квалитетни средства.

Во 2019 година ќе станат оперативни и средствата од ТАВ, тоа се повеќе од 35 милиони евра. Завршуваме со анексот на договорот со ТАВ, ќе ги помине сите правни процедури, очекувањата се дека до 15-ти јануари за да може алокацијата на тие 35 милиони евра на транспарентен начин да бидат распределени за тригодишни проекти на сите општини во Република Македонија, пак за вододовди, канализации, детски градинки, за училишта и за некој од сортските сали во училиштата.

Уште еден проблем на кој посочуваат општините е недостатокот од градинки и капацитети за згрижување на децата во претшколска возраст. Тоа е наша реалност.

Светската банка ни стави на располагање 30 милиони евра за период од 4 години за унапредување на системот на социјална заштита. Од овие средства 16 милиони евра се само за изградба и реконструкција на детски градинки. Овие пари повторно ќе завршат во општините за децата да ни бидат згрижени.

Ако направиме некоја груба математика тоа значи дека повеќе од 230 милиони евра ќе се слеат во општините за подмирување на долговите како и за изградба на локални патишта, канализации и водоводи и градинки.

Дополнително општините имаат на располагање буџетски средства и средства од ИПА претпристапната помош на Европската Унија за нивен развој и подигнување на капацитетите. Зборувам за пречистителните станици. Неколку се пуштија веќе во употреба. Продолжуваме со Битола, со Тетово, со другите општини кадешто завршуваме со физибилити студиит и проектни документации за реализација.

Идната година ќе почнеме и со конкретната реализација на депониите во Република Македонија на петте незаокружени со проекти, односно со одредени проектни чекори за реализација на регионалните депонии. Парите за документацијата се обезбедени. Верувам дека ќе ја завршиме работата во неколку месеци за да може да одиме по пат на грантови, по пат на кредити, или по пат на јавно приватни партнерства и концесии. Тоа е исто така сериозно решавање на проблемите на граѓаните и сериозни капитални инвестиции за државата, но и за општините.

Граѓаните мора да ги добијат основните услови за живот и нормално функционирање и тоа е желба да случи што е можно побргу.

Уште еднаш апелирам до општините и општинската администрација навреме да започнат со изработка на квалитетни и ревидирани проекти за да можат парите кога ќе станат оперативни да ги искористат во целост.

Дозволете ми на самиот крај да ја испратам пораката дека Владата останува сериозен партнер на општините. Претседателот на Владата на Република Македонија е поранешен градоначалник, имаме доста министри коишто биле градоначалници, но и останатите колеги во Владата се комплетно позитивни во поддршка на општините. Општините се сериозен капацитет за развој и раст на севкупниот економски прогрес во Република Македонија. Ако бидат посилни, ако бидат покапацитетни Македонија може да очекува поквалитетен живот за сите граѓани. Во таа насока континуирано ќе работиме на взаемната соработка. Не очекува сите многу работа за исполнување на заедничката цел: Подобар квалитет на живот за сите граѓани!

Посакувам успешна и плодна дебата на конференцијата. Заедно со министрите ви стоиме на располагање да одговориме на сите ваши прашања.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e