Имаме план Б, но се надеваме дека ќе се реализира планот, а тоа е претседателот Иванов да ни го додели мандатот и да почне Собранието со работа, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во вечерашното интервју на телевизија АлсатМ.
– Постојат опции. Секогаш има. Но, сега да зборуваме за планот А, а тоа е да биде доделен мандатот од Иванов. Во планот А е и конституирање на Собранието и избор на претседател на Парламентот. Јас се надевам дека нема да дојде до план Б, туку ќе се реализира план А. Ќе се обидеме деновиве да постигнеме договор за претседател на Собранието. Да биде функционален и ќе се обидеме со тој чекор. Тоа ќе биде час поскоро – изјави Заев.
Тој додаде дека и да ја прифати идејата на ВМРО-ДПМНЕ да одат на нови предвремени парламентарни избори, уверен е дека Груевски убедливо ќе изгуби.
– И да одиме на избори. Јас верувам дека ќе бидам исправен пак пред господинот Иванов со повеќе од 70 потписи. Паѓа рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ, никој не сака тензии, банални изговори за некој да ги заштити нивните криминали – рече лидерот на СДСМ.
Според него, изборите не се решение за излез од кризата, туку да му се даде шанса да формира влада. Доколку не успее да формира влада, Заев рече дека дури тогаш Иванов заедно со останатите лидери на партиите ќе треба да разговара за други опции.
Во однос на промената на платформата на албанските партии и обвинувањата дека тој ветил промена на Уставот, Заев одговори дека Уставот е доволно либерален и европски за сечии права.
– Не е потребна промена на Уставот за некој да си добие права. Нашиот Устав е доволно европски и либерален, тоа се овозможува преку закони и мерки да бидат унапредени одредени права. Оти правата кога се на маса, тоа значи и обврски. Така ќе ја создаваме и правната држава – рече Заев.