За состојбите во македонското текстилство – виновна е државата, тврдат газдите на фабриката во Каменица во која работниците штрајкуваа.
Според нив, текстилството се соочува со многу проблеми и предизвици од типот на откажување на нарачки, намалување на цена или повлекување на странски партнери, а наместо нив, помош од државата добиваат т.н. странски инвеститори.
„..Со жалење можеме да констатираме дека за нас како работодавец е повеќе од јасно дека условите за работа во текстилната индустрија воопшто се лоши и несоодветни, дека работниците земаат неадекватни примања, дека условите за работа се тешки итн. Но, исто така си земаме за право да укажеме и на, за нас, неспорниот факт дека во време кога странските компании кои што работат во Р.Македонија се субвенционирани, помагани и привилегирани од државата во многу аспекти битни за работењето на компаниите, домашните компании особено компаниите од оваа индустриска гранка-текстилната индустриј а се оставени самите на себе, во услови на нелојална конкуренција и постојана борба за егзистенција. ….“
Во однос на обвинувањата на работниците кои два дена штрајкуваа незадоволни од тоа што работеле и по 11 часа за плата од 6.000 денари, газдите со следново образложение.
„… Изнесените тврдења дека работниците во нашата фабрика работеле по 11 часа дневно за плата од 6.000,00 денари се груба манипулација и невистина. Иако, за воља на вистината, е точно дека за месец август 2016 година, ние како работодавец бевме приморани да извршиме намалување на платите на нашите вработени, а тоа со цел како би успеале да ја одржиме во живот нашата фабрика поради континуираното повеќемесечно работење со загуби, по реакциите на нашите вработени делот од плата за кој беше извршено намалувањето на секој работник поединечно беше дополнително исплатен….“
Во компанијата во Каменица работат 170 текстилни работници. Тие два дена штрајкуваа барајќи повисоки плати и регулирано работно време. – пренесе телевизија Стар.