За неисчистениот снег и мраз, тужите ги општините, вели Омбудсманот

Над 160 повредени граѓани со скршеници на колкови, рачни и зглобови на нозете се регистрирани само во Скопје откако падна снегот, како последица на замрзнати неисчистени тротоари, патеки и улички, а уште нема ниедна тужба пред Управниот суд против општините, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори во Судот.

Граѓаните не поднесуваат ни претставки до Народниот правобранител поради неодговорното однесување на општините кое ги чини здравје, а може и живот.

“Луѓето повеќе се научени да трпат отколку да бараат правда. Мислат дека ова со смрзнатите тротоари и улици е работа што треба да се трпи, дека е природно, не знаат дека општините треба да издвојуваат средства секоја година во буџетот за да ги расчистуваат навреме улиците и оти тоа е нивна одговорност”, вели Народниот правобранител Иџет Мемети.

Неисполнувањето на законските обврски и должности од општините за расчистувањето на снегот претставува нарушување на правата на граѓаните, особено во поглед на правата кои произлегуваат од уставно загарантираните права за животната средина и опкружувањето, укажува Мемети.

Настраданите граѓани од нерасчистените снег и мраз може да поднесат тужба против локалните власти и локалното комунално претпријатие од општината во која живеат, бидејќи според Законот за јавна чистота, таа одговорност им припаѓа ним. Ако тужителот го добие спорот против тужениот субјект од локалната самоуправа, потоа оди во граѓанска парница, т.е. покренува спор пред надлежниот граѓански суд, за надомест на штета.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e