Сообраќајната полиција во текот на изминатите 48 часа (среда и четврток) на подрачјето на градот Скопје извршила увид на вкупно 20 сообраќајни незгоди.
Завчера (среда) сообраќајната полиција извршила увид на 16 сообраќајни незгоди, од нив 10 се со последица материјална штета, четири се со последици телесни повреди, во кои со полесни повреди се здобиле пет лица.
Случени се и две сообраќајни незгоди во кои со тешки телесни повреди се здобиле еден пешак и еден велосипедист.
Во текот на вчерашниот ден сообраќајната политика извршила увид на вкупно четири сообраќајни незгоди. Од нив две се со последица материјална штета, две со последици телесни повреди во кои со полесни повреди се здобиле две лица.
Во текот на изминатите два дена сообраќајната полиција открила и санкционирала 57 возачи кои се движеле со брзина поголема од дозволената, четири возачи кои ги управувале своите возила под дејство на алкохол, тројца возачи кои поминале на црвено светло на семафорот, 12 пешаци кои сториле прекршоци по разни основи и 62 за непрописно паркирани возила.
Со помош на специјалното возило „пајак“ во текот на изминатиот ден отстранети се 47 возила.
Во сабота со почеток во 11 часот по повод одбележувањето на Светскиот ден на Првата помош, Црвениот Крст на град Скопје ќе одржи показна вежба за правилно укажување на прва помош при случени сообраќајни незгоди, на три локации во градот и тоа бул.„Ј.Сандански“ – платото пред т.ц.„Бисер“, ул.„11ти Октомври“ – разделниот остров пред порта „Македонија“, бул.„К.Мисирков“ – пред Универзитетската библиотека.
Во Сабота со почеток во 20 часот и 30 минути во спортскиот центар „Јане Сандански“ во рамките на СЕХА лигата ќе се одигра маѓународен ракометен натпревар помеѓу Ракометниот Клуб Вардар и Веспрем од Унгарија.
Со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, како и на овие вонредни настани, од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени соодветни мерки за сообраќајно обезбедување физичка регулација, а доколку има потреба сообраќајот може да биде пренасочен.