Претседателот на Србија, Александар Вучиќ во Брдо кај Крањ изјави дека заедно со македонскиот претседател Ѓорге Иванов размениле „тешки и остри зборов со албанските претставници“ на состанокот, додавајќи дека е така подобро отколку работите да се пренесат на улица, пренесува „Б92“.
Вучиќ рекол дека не памети толку остра и тешка дискусија со косовскиот претседател Хашим Тачи, но дека, заедно со Иванов, недвосмилено покажале што е вистина во однесувањето на луѓето од Приштина и во заговарањето на голема Албанија.
„Се обидоа да кажат дека тоа се измислици на Белград и морам да кажам дека македонскиот претседател Ѓорге Иванов во целост ги поддржа сите аргументи кои ги изнесов и беше многу остар, така што на некои им изгледаше дека правиме блок Србија и Македонија против двајцата албански претставници, што не беше случај“, рекол Вучиќ.
Инаку, Вучиќ и Иванов денеска учествуваа на состанокот на лидерите на процесот Брдо – Бриони, што се одржа во Брдо кај Крањ.
На средбата чии домаќини беа претседателите на Словенија и на Хрватска, Борут Пахор и Колинда Грабар – Китаровиќ, учествуваа и претседателот на Сојузна Република Германија, Франк Валтер Штајнмаер, кој беше специјален гостин, потоа претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, претседателот на Косово, Хашим Тачи, претседателот Албанија, Бујар Нишани и членот на претседателството на Босна и Херцеговина, Драган Човиќ.