Вооружена пресметка се случила претпладнето во скопско Сингелиќ, во која е повреден вработен во УБК, објави Телма.
Инцидентот се случил на главната улица „Алија Авдовиќ“ на место каде сообраќајот бил во застој поради градежни работи кои се изведуваат на булеварот. Непознато лице излегло од возило Пасат и се приближило до возило Голф и почнало да пука во патниците. Повредениот, според извори во МВР, е вработен во УБК и погоден е со куршум во левото рамо. Нападнатите возвратиле на пукањето по што напаѓачот се дал во бегство.
Попладнето никој од жителите не сакаше јавно да зборува за случајот, но еден од присутните за Телма изјави дека е во роднински врски со повредениот, меѓутоа не знае за што станува збор и зошто се случила пресметката, дека пукањето го слушнал од дома и не ги видел напаѓачите.