Гостин во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ беше дефектологот Викторија Волак која зборуваше за интересот на институциите на проблемите на лицата со оштетен слух.
„Крикот на лицата со оштетен слух беше толку силен што сите институции срдечно го прифатија нивното барање за наше присуство на екраните ( сертифицирани толкувачи на знаковен јазик) . Јавноста полека но сигурно се навикна на нас. Мислам дека во блиска иднина ова ќе биде редовна практика барем на оние настани каде што државата сака да се обрати до народот“, рече Волак.
Таа ги истакна причините поради кои се одлучила на оваа професија.
„Се одлучив за оваа работа пред се од љубов, но и од потреба и желба. Јас сум дете на глуви лица. Растев во такво семејство. Значи прво беше природна потреба за потоа да стане и професионална работа“, изјави Волак.
„Бројката на сертифицирани толкувачи е многу мала со оглед на тоа ако споредиме колку глуви лица има во државава – околу 6.000. Македонскиот знаковен јазик е истиот јазик кој го користат и глувите лица од албанска, српска, турска националност. Тој е територијален јазик. Постои и еден вид на знаковен јазик кој се вика интернационален. На конференции луѓето го користат тој јазик. Тој е комбинација на многу светски јазици, кои сите глуви го имаат прифатено“, додаде Волак.