Обвинетиот Александар Трајковски, кој минатата недела во Будимпешта беше фотографиран со избеганиот осуден премиер Никола Груевски, тврди дека бил во Унгарија на специјалистички преглед за синусите и дишните патишта. Денеска тој зборуваше со новинарите на судењето за предметот на СЈО Насилство и шамари во Центар, пренесе СДК.
Трајковски денеска дојде во Основниот суд Скопје 1 со папка медицинска документација, која ја подготвил за во Царина, каде што е вработен. Не стасал, вели, да го затвори боледувањето, оти се вратил во саботата.
Трајковски вели дека со Груевски се сретнал како со сопартиец и поранешен лидер. Тој се пожали дека станал мета на јавноста поради Груевски и оти поради неговото патување и лекување како слободен човек, јавноста калкулирала и со негово притворање и бркање од работа од Царина.
Не кажа зошто ги лекувал синусите и дишните патишта токму во Будимпешта.
Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи го праша на денешниот процес: „Кој ве упати токму во Будимпешта, зошто баш таму? Зима е, ладно им е на синусите.“
„Јас сум слободен човек обвинителке“, рече тој.
„Во интерес на постапката и вашето редовно присуство во иднина, дали ќе одите повторно на преглед во Будимпешта?“, го праша Фетаи.
„Отидов, ми констатираа тоа што ми го констатираа, ќе се лекувам тука“, ѝ одговори Трајковски.
Претходно тој на влегување во судот не сакаше пред камерите да одговори на истото прашање, зошто бил во Будимпешта.
