ВМРО-ДПМНЕ официјално како правно лице е обвинета во случајот „Талир“ на Специјалното јавно обвинителство за недозволиво финансирање, по одобрувањето од Советот за оценка на обвинителен акт при Одделението за гонење организиран криминал и корупција при скопскиот Кривичен суд.
– Советот за оценка на обвинителен акт при Одделението за гонење организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1, постапувајќи по оценка на обвинителен акт на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите во предметот од обвинителството означен како „Талир“ за незаконско финансирање на правно лице – политичка партија, по одржана јавна седница во присуство на странките, донесе решение со кое обвинителниот акт го одобри во целост, соопшти Кривичниот суд.
Се очекува во наредниот период да биде определен судија за понатамошно постапување и да биде закажана глчавна расправа.
Покрај ВМРО-ДПМНЕ, за незаконско финансирање обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиевски, Илија Димовски и Леко Ристоски.
Елизабета Чингаровска веќе ја призна вината во случајот „Талир” и се спогоди со Специјалното јавно обвинителство за двегодишна условна казна.
СЈО есеноска го замрзна имото на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи го и централното седиште – палатата Христо Татарчев. Месните организации на партијата од 2009 до 2015-та овозможиле перење пари, со внесување пари на партиската сметка преку готовински уплати како лични уплати, рече СЈО.
Извор: Фактор
