Си заминавме не затоа што сакавме туку затоа што системот постојано не прогонува! – гласи насловот на виралниот статус на
Снежана Јашаровска кој се шири откако премиерот Христијан Мицкоски го актуелизираше прашањето за иселениците да се вратат во татковината.
Вака гласи нејзината објава:
(Премиере) Ја слушнавме вашата покана дијаспората да се врати во Македонија. Звучи убаво, но реалноста е сосема поинаква.
Кога да се вратиме, господине премиер? Кога ќе завршиме факултети, ќе учиме, ќе се усовршуваме и ќе стекнеме занает што во други држави се цени и се плаќа, па да дојдеме дома и да работиме за 500 евра. И тоа ако платата стигне на време. Ако не, ќе слушнеме дека нема средства.
Што да дојдам во Македонија да работам како медицинска сестра, наставник или друг стручен кадар, а да живеам од месец за месец и да се прашувам дали ќе можам да ги покријам основните трошоци.
Кога да се вратиме да живееме во загадени градови, без план, без систем и без воздух. Дрвјата не се садат по улици, туку по канцеларии и фотелји.
Кога да се вратиме ако, не дај Боже, ни се случи неправда. Во држава каде што судството не одлучува според закон, туку според врски, познанства и интереси. Каде што правдата не е иста за сите.
А да не даде Господ да се најдеме во ситуација жена да биде тепана, понижувана или малтретирана од сопругот. Да отиде во полиција и таму да биде исмејувана, да ѝ кажат „ајде бе, иди дома, ќе се смирите“. А после, кога ќе биде предоцна и кога ќе згасне уште еден млад живот, да гледаме извинувања и изјави дека требало да се реагира. Тогаш веќе е доцна.
Нема систем што ги штити жените. Нема сигурност, нема доверба во институциите, нема чувство дека државата стои зад жртвата.
Да не даде Господ да се вратат луѓе со деца со аутизам или со посебни потреби. Во Македонија за тие деца нема доволно средства, нема поддршка, нема услови, нема систем. Родителите се оставени сами, а децата растат во болка и занемареност.
Да се вратиме каде? Да се вратиме во држава каде што струјата се гаси кога некому така ќе му текне. Каде што во 2026 година нашите деца ќе седат во ладно, во темница и со свеќи, како да не живееме во Европа, туку во некое друго време. Да учат, да растат и да спијат во студ, додека ние треба да се убедуваме дека тоа е нормално. Да се вратиме во држава каде што основните услови за живот не се сигурни и каде што граѓаните живеат со страв дали утре ќе има струја, греење и светло.
А сето ова го пишуваме ние, дијаспората што со години ја промовира Македонија надвор од нејзините граници. Ја промовираме државата, културата, јазикот и народот без ниту еден денар поддршка. Никој не нè платил и никој не нè поддржал институционално, но секој ден ја браниме Македонија со зборови и дела.
Не си заминавме затоа што не ја сакаме Македонија. Си заминавме затоа што системот нè истурка.
Затоа прашањето не е зошто дијаспората не се враќа. Прашањето е кога ќе има услови да се вратиме како луѓе, а не како евтина работна сила.
Се надеваме дека оваа порака ќе стигне до премиерот и дека сите што ја читаат ќе помогнат ова писмо да биде видено и слушнато. Ова не е напад, туку реалност што премногу долго се игнорира.
