(ВИДЕО) Заврши средбата помеѓу СДСМ и БЕСА. Еве ги деталите

Eден час и дваесет минути – точно толку БЕСА и СДСМ разговарале за принципите врз кои треба да се темели идната влада. Барања и услови немало ниту од едните ниту од другите – тврдат за ТВ 24 двете страни.
Иако очекувањето на СДСМ е новата Влада да биде изгласана во Собранието најдоцна до крајот на идната недела, неизвесноста на идниот владин состав е се поголема. Партиите по сите средби дадоа синхронизирани изјави дека се разговара единствено за принципи.
„Не разговараме за условување едни на други, разговараме за принципи, за нас како Социјалдемократски сојуз е важно да има принципи на основа на којашто ќе биде формирана идната влада, не на основа на условување меѓу партнерите затоа што тоа не е добар начин на работење“, изјави Оливер Спасовски, СДСМ.
„Не работиме условно, битно е да разговараме за принципи. Никој во БЕСА не разговарал за одредени министерства, тоа ни е најмалку битно“, изјави Африм Гаши, БЕСА.
Меѓутоа, еден од условите за БЕСА да добие место на Илинденска, според партиски извори, е тие да раководат со Министерството за правда. Од СДСМ, пак, брифираат дека во случај БЕСА да влезе во владата со ДУИ и СДСМ, тие ќе добијат некое од Министерствата на Заев.
Работничките групи на двете партии најавија нови средби на кои, како што велат, можно е и да се разговара за поделбата на ресори. Од СДСМ додаваат дека во периодот што следува средби ќе одржат со сите партии, кои би влегле во составот на идната Влада.
„Ќе има внатрепартиски консултации, така што утре најверојатно продолжуваме со дебата со сите партии од идната владина коалиција“, додаде Спасовски.

Претходно, за истите принципи, од СДСМ разговарале и со ДУИ, иако извори на Телевизија 24 велат дека контурите на новата Влада се веќе познати – треба само да се дефинираат. Најверојатно интегративците ќе добијат четири министерства и двајца вицепремиери. Артан Груби и Изет Меџити се во игра за позицијата вицепремиер за спроведување на рамковниот договор. Теута Арифи е една од опциите за вицепремиер за евроинтеграции доколку Министерството за одбрана го добие СДСМ, во спротивно оваа позиција ќе и припадне на Радмила Шеќеринска.
За Министер за надворешни се спомнува името на Никола Димитров, поранешен амбасадор. Неофицијално, Министерствата за транспорт и врски и економија се дел од барањата на ДУИ, но од СДСМ брифираат дека за Заев прифатливо е само едно од двете да го добие ДУИ.
Во понеделник се очекува тој да се сретне со лидерите на коалициските партнери со кои одделно ќе разговара за позициите на идните коалициски партнери во Владата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e