Одговори на новинарски прашања,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Скопје, 17.03.2017
Медиуми: Дали ви е пријатно да се ракувате со Зијадин Села, со оглед на неговите изјави?
Заев: Јас на некаков начин секогаш изразувам негодување за изјави кои дали се дадени осмислени или лекомислени, провоцираат одреден немир кај граѓаните, без разлика од која страна доаѓа. Јас сум политичар кој верува дека на Македонија и треба процес кој ќе доведе до нормализирање на состојбите и симнување на сите грижи кои ги имаат граѓаните, а со тоа секако и да ја дефинираме иднината на Македонија. Можам да апелирам до сите да внимаваат на изјавите, затоа што и така времето во кое живееме е економски тешко, неизвесност има кај секое семејство кај секој граѓанин и дополнителни провокации не му требаат никому. Ние сме граѓани на оваа наша земја. Можеби припаѓаме на различни етнички заедници во Македонија, но токму ние мора да водиме грижа за Република Македонија. Затоа, еве апелирам до сите да внимаваат со изјавите. Во овој период се добредојдени изјави кои ќе не носат кон сплотување, кон обединување и нормализирање, пред се на институциите на Република Македонија, за Македонија да може да продолжи да чекори напред.
Медиуми: Кога очекувате стабилизирање на политичката сцена или тој процес се пролонгира поради страв од ескалација на протестите?
Заев: Апсолутно не. Гледате дека процесите ние пополека ги дефинираме. Имаше две неразумни причини од господинот Иванов за недоделување на мандатот и со тоа се изместија од шините сите процеси коишто треба да течат во нормален тек. Со целосно право, како човек и партија позади коишто стојат 67 потписи на пратеници, имам право да очекувам да биде доделен мандат за да направиме обид да формираме Влада. Можеби нема да успееме, но господинот Иванов одлучи тоа право да не го дозволи, објаснувајќи преку две причини. Мудроста, присебноста и толеранцијата не ставија во позиција да имаме разбирање, дури и кога се неразумни ваквите причини којшто ни се дадени. Гледате дека презентиравме програма на новата Влада, за да докажеме дека нема веќе појдовни основи, програми на политички партии, платформи, декларации или изјави, туку има ништо повеќе, ништо помалку – програма на идната Влада на Република Македонија, којашто во својата преамбула има заштита и унапредување на унитарноста на државата, уставниот поредок на Република Македонија, и нашите приоритетни цели, ЕУ и НАТО. И сето она што го има во тој документ е апсолутно, стопроцентно, во функција на тоа, и во функција на целиот интерес на сите граѓани на Република Македонија. Овие денови се обидуваме и преку нашата иницијатива да закажеме собраниска седница, со 67 потписи. Денеска генералниот секретар на СДСМ во името на сите 67 потписници, колеги пратеници, доставивме иницијатива за продолжување на конститутивната седница којашто не беше завршена, за да заврши третата и четвртата точка, за избор на претседател на Собранието. Верувам дека претседателот на Собранието, ќе испрати допис до господинот Иванов, кадешто ќе го решиме и ова проблематично, со 10 дена рок за да биде доделен мандатот. Верувам дека како сериозни, трезвени луѓе кои ја водат државата, како господинот Иванов, тој е претседател на Република Македонија, а и сите ние коишто сме веќе пратеници во Собранието, и имаме аспирации да ја водиме Македонија, ќе бидеме разумни, ќе се разбереме еден со друг, за да може да и помогнеме, пред се на Македонија и на сите нејзини граѓани.
Медиуми: Г-дине Заев, вие пред извесно време дадовте конкретен рок, односно бројка, ако не се лажам, тоа беше 24 март, кажавте дека до тогаш граѓаните на Република Македонија ќе имаат Влада.
Заев: Не, јас реков дека очекувам заради тоа што знаете дека работите не зависат само од Заев, веројатно не зависат ниту од никој поединец. Можеби зависат од сите нас политичарите заедно. Јас би сакал и на 20, на 21, на 22, дури и порано од тоа да има влада Република Македонија, но секако тоа прво значи закажување на седницата, избор на претседател на Собранието, допис до господинот Иванов, негова одлука кога ќе го даде мандатот. Јас, верувајте, како потенцијален мандатор, нема да дозволам да се трошат 20 дена за преговори за нова Влада. Ќе гледам максимално можно, доколку го добијам мандатот, да ги скратам сите овие рокови. Верувајте, јас како потенцијален мандатор нема да дозволам да се трошат 20 дена за преговори за Влада. Ќе гледам максимално можно ако го добијам мандатот да ги скратам овие рокови за да им заштедиме и на граѓаните и на Република Македонија, време, денови и период за тоа што очекувањата на сите се да има натпревар во државата по пат на дебата, дискусија и се за процеси коишто се одвиваат во Република Македонија, за добробит на државата и на граѓаните, да има една позитивна дебата, натпревар на економски проекти, на идеи и слично како и секоја нормална земја.
Медиуми: Се плашите ли да седнете во Собранието?
Заев: Ние бараме час поскоро. Верувам дека мора да се одржи една координација претходно за да се договори составот на Комисијата за избори и именување којашто е трета точка од дневниот ред за да може навистина глатко да тече седницата којашто ќе биде предложена. Може тоа да се случи не знам денеска, може во понеделник, може во вторник, но верувам дека час поскоро треба да биде закажана седницата.
Медиуми: Има ли барање г-динот Велјановски нешто слично како и г-динот Иванов да се донесат 61 потписи ?
Заев: Јас тоа што го знам преку медиумите, преку вас е дека ако биде покрената иницијатива со минимум 61 потпис тоа е доволен основ да биде закажана прекинатата седница за избор на Претседател на Собранието. И верувам дека нема да има никаков проблем околу тоа.
Медиуми: Не се плашите дека доколку вие со ДУИ заедно седнете во Владата може да дојде до ескалирање на состојбата, да се остварат сценаријата коишто ги предвидуваат домашните и странските аналитичари?
Заев: Какви сценарија да се остварат? Што е тоа што овде е нелогично? Што е тоа што треба на некој да му биде мотив или причина за да се остварат некои непосакувани сценарија за Македонија? Јас верувам дека ќе се оствари единственото сценарио за Македонија преку институциите на системот да продолжи понатаму во реформите во подобрување на економскиот амбиент за живот на сите граѓани, во отворање на една плодна дебата којашто се повеќе и се повеќе ќе не доближува до Европската унија и НАТО, а граѓаните ќе ги гледаме се повеќе и повеќе среќни и доволно мотивирани да останат во Македонија, да го градат својот живот овде во Македонија, да чекаат деца и внуци овде во Македонија. Тоа е целта на сите граѓани подеднакво без разлика на која политичка припадност припаѓаме дали сме воопшто политички определени или сме од различни етнички заедници и разни верски припадности наши или слично. Интересот на Македонија е токму тој.