(ВИДЕО) Заев: Постои можност до крајот на месецот да биде избрана новата Влада!

Одговори на новинарски прашања на лидерот на СДСМ, Зоран Заев:

Медиуми: Дали ве повикаа во Обвинителството како оштетен во собраниските настани и дали занете дали тие кој директно ве нападнаа веќе се приведени или пријавени?

Заев: Малку повеќе сум посветен на политичките процеси овие денови, покрај болницата и лекарите. Сите ние повредени се уште не сме повикани, барем јас не сум добил покана, а ако добиле моите адвокати тие ќе ме известеа бидејќи денеска имав и судско рочиште, но немаат ни тие добиено покана, немаат ниту колегите добиено покана. Логично е да не повикаат како оштетена страна тоа е одлука на државниот јавен обвинител или обвинителот кој го води случајот таму. Истовремено, не сум нешто посебно посветен да ги препознаам и видам напаѓачите, бидејќи голем дел од медиумите тоа и го направивте. Тоа беше толку видливо, толку јасно со слики и видеа пуштени во јавноста. Многу е важно институциите кои треба правно да го процесуираат овој процес, да направат вистинско препознавање, за да не се случи да одговара некој што не треба да одговара, а секако, треба да си понесе одговорност секој што треба да одговара и тоа многу важно. Јас не сакам на никаков начин да влијаам на истрагата и она што следува како процес, но едно знам – додека дишам ќе се борам за враќање на правото и правната држава и законот мора еднакво да важи за сите во Македонија.

Медиуми: Кога очекувате Иванов да го додели мандатот?

Заев: Се зависи од претходните процеси. Првиот претходен процес е веројатно писмото кое ќе биде евидентирано во архивите на господинот Иванов. Јас од Оливер Спасовски кој ја координираше нашата пратеничка група и комуницира со претседателот на Собранието, сум информиран дека вчера од архивата било излезено писмото, не знам дали денес е примено во архивата на господинот Иванов. Ако е примено, веројатно од тој момент почнуваат да течат десетте дена. Уште еднаш сакам, еве и преку вас медиумите, покрај решавањето на првата причина, правниот аспект со десетте дена, јас сум подготвен да го посетам господинот Иванов, ќе разговарам и со лидерите на коалициските партнери ако сакаат да ме придружуваат и заедно уште еднаш да отидеме да ја гарантираме унитарноста, уставноста, мултиетничноста, перспективите на државата во НАТО и ЕУ и сето она кое евентуално претставува загриженост кај господинот Иванов, а се во функција час поскоро да го додели мандатот, а исто така од наша страна час поскоро да излеземе пред парламентот со предлог за новиот владин кабинет.

Медиуми: Кога ќе биде новата Влада?

Заев: Постои можност до крајот на месецов да биде избрана Владата, согласно роковите. Но тоа зависи од одлуката на господинот Иванов да го даде мандатот, зависи веројатно и од техничката можност на Собранието, дали таму се е функционално во системите, од можноста пратениците да работат како што треба, но верувам дека се стигнува. Не заради нас како луѓе кои ќе го добијат мандатот, туку заради граѓаните, треба да направиме ден побрзо колку што е тоа можно да се избере нова Влада бидејќи од тоа зависи нормализацијата на институциите на Република Македонија.

Медиуми: Дали очекувате нови опструкции, а можеби и насилство при образложување на вашиот предлог пред Парламентот за состав на новата Влада?

Заев: Се е можно. Не можеме да кажеме после сето ова што го видовме, дека нешто може да се случи слично или не дај боже исто, но верувам дека се поголема е веројатноста да не се случуваат такви работи бидејќи застрашувачките пораки беа испратени до сите и верувам дека допреа до сите, буквално до сите граѓани во Македонија, како и до нас политичарите. Во Деловникот има определно три дена дебата, таа дебата може да се искористи комплетно, тоа зависи од пратениците кои ќе дебатираат, за новиот состав на Владата и владината програма, но дебатата завршува за три дена. Ние ќе го направиме тоа согласно Уставот, согласно Деловникот, согласно законите и нема да дозволиме никаква индикација или причина или било што за некој да биде дополнително мотивиран да прави вакви блесави работи како што се случија претходниот четврток.

Медиуми: Дали одлуката за претседател на Собранието е објавена во Службен весник?

Заев: Немам информација. Знам дека до доцна ноќеска не беше објавена и немам друга информација. Верувам дека директорот или агенцијата за Службен весник ќе ја објави кога тоа би се направило. Знам дека генерално се подготвени сите работи што треба. Знам дека собраниските служби му асистираат целосно на новиот претседател, знам дека се обезбедни печатите, записниците се е обезбедено, сето она што е неопходноза една институција да може да постапи и да објави во Службен весник.

Медиуми: Дали планирате тужби против насилниците за кои дел од вашите сопартијци јавно кажаа дека ги препознаваат?

Заев: Целиот правен совет и сето она што можеме да го добиеме како екстерна експертиза, ние го ангажиравме. Се надеваме дека инситуциите на системот ќе постапат за да не мора ние да поднесуваме тужби, но евентуално она што го гледаме како одредени пропусти да се гонат за учество во толпа, тоа значи условни казни. Учество во толпа е толпа којашто мава со камења и крши прозорец и тоа е учество во толпа. Не е тоа исто. Очекуваме согласно вината којашто ја имаат луѓето или еве сомневањата за вина соодветно на тоа да постапат државните институции, а секако тука најодговорно е државното јавно обвинителство коешто ги води истрагите. Верувам дека на сите ни е јасно дека докази има до небото. Тие постојат благодарејќи на современите технологии, а благодарение најповеќе на вас, медиумите коишто голем дел од вас, вашите колеги ги жртвуваа животите, ги ризикуваа животите, да фатат докази, да пуштат до јавноста, а преку тоа пуштивте и до јавното обвинителство, тие постојат, живи се, денес гледаме сеуште и тоа е доволен основ да таму кадешто има доказ да се понесе одговорност, таму кадешто нема докази не треба никој да одговара.

Медиуми: Како ги коментирате реакциите кои се појавија во јавноста со фотографиите од претседателкиот кабинет којшто покрај македонското и европското знаме го ставил и албанското знаме?

Заев: Јас сакам да се почитуваат законите и Уставот на Р.Македонија без разлика дали кршењето на закони или не доаѓа од наш коалиционен партнер, наш опонент политички или слично. Секој треба да си има и политичка и секако и законска одговорност за оваа работа. Законите во Македонија се јасни, тие треба да се почитуваат. Ако се случила одредена грешка тој што ја направил се надевам дека ќе ја поправи грешката. Секако она што во Македонија мора да биде јасно, законот мора да важи. Знаете како, кога разговарав за стартните позиции на СДСМ по добивањето на потписите се разговараше и за делот на унапредувањето на законот за употреба на јазиците на помалите етнички заедници. Меѓудругото законот мора да важи и во заштитата на македонскиот јазик, но и на заштита и на албанскиот јазик, на ромскиот јазик, таму кадешто е определено согласно закон. Законот мора да важи за сите и треба сите наши политички предрасуди, сите наши политички очекувања, не знам какви ли не, стратегии и окупации да ги ставиме од секундарно или терцијарно значење да бидат. Мора да ја испратиме конечно пораката дека Уставот и законот не може повеќе да се газат во Македонија и притоа тоа да се покажува како патриотски чин без разлика дали се тоа Македонците, Албанците, Ромите, Турците, Србите и сл. Ние сме мултиетничка земја, таква ќе останеме и мора да водиме грижа сите за неа.

Медиуми: Неколку пати до сега ги користите странските претставници во Македонија како изговор да ги одложувате рочиштата во судот. Дали и денешното одложување поради среќавањето со ОБСЕ е истото?

Заев: Еве кажете ми вие, оценете и вие, нека оцени и македонската јавност. Важно е да договориме стратегија за превенирање од меѓуетнички конфилкт, меѓуполитички конфликт или не, или откажувањето на оваа моја средба денеска за висок претставник којшто доаѓа од Виена, кадешто е седиштето на ОБСЕ со претседавањето во моментот за оваа работа?! Јас сум секој пат пред судот. И не бегам од судот. Доказите коишто ги имам за мојата невиност се јасни и децидни. Немам зошто да бегам од судот. Ние дојдовме за да го покажеме нашето почитување пред судот, подготвени со сите адвокати, комплетно. Апсолутно, судот одлучува за таа работа, ако судот одлучеше да не го одложи рочиштето, јас останував, тука бев во салата. Значи нема бегање од таа работа. Гледате дека денеска со мене е и Радмила Шекеринска, мојот заменик којашто веднаш ќе ме замени и на оваа работа, но сепак беше важно моето присуство заради тоа што навистина сум потенцијален мандатор којшто се очекува да ја води идната Влада. Разговорот со мене според пријателите кои доаѓаат од меѓународната заедница е важен. Ги дефинираме важните процеси во иднина коишто ќе имаат сериозна рефлексија врз сите во општеството.

Медиуми:Очекувате ли да биде разрешен Чавков и кој е вашиот став за новиот раководител на кризниот штаб?

Заев: Јас не знам кој е новиот раководител на кризниот штаб, верувам дека таму професионалците ќе си ја преземат работата што ја работат. Јас го фокусирав господинот Чавков, без било какви предрасуди, како еден од виновците. Бев сведок на целата работа. Почнавме со прес конференција, влеговме во салата некаде пред 19 часот, полицијата влезе сигурно после 21.30 часот. Значи повеќе од два и пол часа ние бевме исправени без било каква полициска заштита освен неколку луѓе кои беа во цивилна облека кои се обидоа да не заштитат нас и нашите животи. Не само што е директор на Бирото за јавна безбедност, тој беше и шеф на штабот за заштита на Собранието и пратениците. Одговорноста е директна и не знам зошто чека некој да предложи негово разрешување или да одлучи Владата, тој треба да си даде оставка и да замине веднаш. Јас најавувам, идната Влада ќе демонстрира одговорност како никогаш досега. Одговорност мора да има во Македонија. Досега тоа беше заборевено, никој за ништо не носеше ниту морална одговорност. Мораме да ги испраќаме пораките на одговороност пред нашите деца , пред идните генерации и во тоа име нема да се либам и еве, ако неговата совест не проработува, јас го повикувам веднаш да си ја поднесе оставката и да замине од позициите кои ги има во МВР.

Медиуми: Ваш комнетар за пронајденото оружје во Србија кое наводно било планирано за во Македонија?

Заев: Немам такви информации, се извинувам.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e