Одговори на новинарски прашања:
Медиуми: Дали она што се случи вчера првично сметате дека е обид да се посегне по вашиот живот?
Заев: Ова вчера беше обид за убиство по план и добра умисла. Тоа можете добро самите да го анализирате. Од влезот на луѓето во Собранието, посочувањето и однесувањето на маскираните лица координирањето со одредени структури во полицијата, директно доаѓањето таму кадешто се поединците коишто се фокусирани, пред се секако на пратениците од мнозинството, но тука за жал загазија и новинарите коишто беа таму присутни и тие беа таму директно под насилство од страна на насилниците и вандалите. Ова вчера беше обид за убиство со умисла и по план.
Медиуми: Г-дине Заев, имате ли сознанија кои се лицата со црни маски коишто вчера тепаа и пратеници и новинари и граѓани?
Заев: Јас верувам дека истрагите ќе ги откријат до крај сите потреби и сознанија на сите тие поединци. Јас лично ги познавам сите тие коишто директно со жар и крв во очите бараа одземање на животите. Верувам дека дел од нив беа полицајци, дел бандити. Но истрагата тоа ќе го покаже, да не прејудицираме. Верувам дека нема да остане никој трајно скриен зад својата маска заради тоа што се познаваат луѓето и вака скриени.
Медиуми: Како планирате понатаму да тече процесот на формирање на Влада?
Заев: Тоа што најмалку го очекувам е предавањето на кабинетот на новиот претседател на Собранието на Р.Македонија, испраќање писмо до Ѓорѓе Иванов, во рок од 10 дена, се надевам во рок од два три дена да биде доделен мандатот за формирање на Влада, да се стават институциите под контрола и да тргне Македонија напред.
Медиуми: Г-дине Заев, претседателот Иванов вчера излезе со изјава, со повик за лидерска средба. Дали имате намера воопшто да одите на таа средба?
Заев: Каде? На Клинички центар да ја правиме со г-динот Зијадин Села, знаеме сите какви се последиците од ударите по главите на нас, дел од лидерите што бевме таму. Апсолутно ни не размислуваме . Ѓорѓе Иванов посочив е еден од директните виновници за тоа што се случи во Македонија и не дај Боже никогаш да се повтори тоа. Тој е дел од кризата, тој не може да биде никако решение на кризата.
Медиуми: Што доколку повторно не го даде мандатот?
Заев: Рековме дека ќе има претседател на Собранието, ќе има и Влада на Р.Македонија.
Медиуми: Кога може да се очекува Талат Џафери да ја преземе и практично претседателската функција. Дали очекувате проблеми со излегувањето во Службен весник бидејќи денеска бевме сведоци дека поранешниот претседавач со Собранието, Трајко Велјановски прати соопштение за она што се случува во Собранието.
Заев: Одлуката е на сила кога е донесена. Апсолутно процедурата благодарение на вас медиумите и на неколку пратеници коишто го снимаа целиот настан е јасна како ден. 67 пратеници учествуваа во целокупната процедура од вкупно 120. Сите ја следеа целата процедура, 61 од присутни 67 во учество во процедурата гласаа за г-динот Талат Џафери. Јавно ја даде изјавата, јавно процедурата, согласно Деловник, е соопштена, и апсолутно не очекувам никакви пречки, на примопредавањето на водењето на парламентот од претседавачот Трајко Вељаноски на претседателот на Собранието, господинот Талат Џафери.
Медиуми: Господине Заев, дали е точно дека сте имале можност да излезете од Собранието пред толпата да влезе во прес центарот и дали е точно дека сте одбиле, дека не сте сакале да излезете пред другите пратеници?
Заев: Како народни избраници, сме должни процедурата да ја запазиме до крај. Должност ни е и пред вас медиумите. Како ќе ве оставиме внатре, а ние кај ќе одиме? Должност ни е пред колегите пратеници. Должност ни е, и човечка, но и отчетна, да ја завршиме целата процедура до крај, информирајќи ги и граѓаните и цела Република Македонија, за легитимната и деловничка одлука којашто беше вчера донесена. А нормална е солидарноста којашто беше покажана на дело, од сите колеги од мнозинството коишто стоеја таму, и секако, не можам да скријам, изразување на почит на пратеникот Влатко Ѓорчев којшто стоеше рамо до рамо до нас, со уште неколку други луѓе, и тоа е за респект и го почитувам.
Медиуми: Како го коментирате политичкото влијание на припадници на полицијата вчера, неодговорноста на Митко Чавков и најавената оставка на министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу?
Заев: Ова вчера беше само на дело, атак врз уставниот поредок, рушење на се што е Устав и закон во оваа наша земја. Секако, она што го објави министерот Нухиу, е јасно како бел ден, кажува се, вишок е секој мој коментар. Очекувам веднаш оставка од Митко Чавков. И нека бега подалеку. Срамота!
Медиуми: Господине Заев, со оглед на тоа што вчера насилствата беа во центарот на фокусот, како во Македонија, така и во странските медиуми, дали можеби од синоќа до денеска сте разговарале со некој од меѓународната заедница?
Заев: Неколку амбасадори ја посетија партијата, некои најавија состаноци, јас разговарав со неколку по телефон. Сите даваат поддршка, пред се на демократските процеси, да избегнеме насилство, и секако не поддржуваат во апелите на присебност и разум кон граѓаните. Ја користам приликата уште еднаш да испратам порака. Сега треба да демонстрираме свест и совест сите ние, граѓаните на Република Македонија. Да останеме присебни, да останеме разумни. Тоа ни е должност пред татковината и пред нашите семејства. Истовремено, ја користам приликата уште еднаш, да ги повикам сите вработени во институциите на Република Македонија. Вчера имавме пример да видиме што значи професионализам, а што значи партиски диктат на оние коишто треба да бидат професионалци. Го видовме сите, го видовте и вие. Затоа апелирам, согласно Устав и законските надлежности, секој да ја извршува својата улога. Очекувам државното Јавно обвинителство, да посегне, има докази до небото, за се. За поединци, за нивните имиња и презимиња, за сите нивни активности директно. Обид за убиство беше кон посочени поединци коишто се претставници на владејачкото мнозинство во државата, и за жал, и новинарите, и репортерите беа исто така сериозен потенцијален под еднаков исти таргет за линчување, за линч, за одземање на нивните животи.
Медиуми: Господине Заев, јас бев дел од сето она што се случуваше. Она што ќе го кажам може ќе ви звучи тендециозно, но пратениците на ДУИ не беа воопшто тепани. Се поставува прашањето зошто тоа се случи така и дали мислите дека вашиот партер овде некаде затаи? И уште едно прашање, дали претходно бевте известени дека може да се случи ова сценарио?
Заев: Ние сме веќе едно – борци за слобода и демократија во оваа наша земја. Модриците на нивните тела се доказ за модриците на дел од нашите пратеници, кои за нивна среќа не се шиени како кај нас со хируршки зафати. Тие беа рамо до рамо со нас. Токму меѓу мене и Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска, Петре Шилегов и голем дел други пратеници, беа до нас Талат Џафери, Реаил Исмаили, Зијадин Села беше тука, Џеват Адеми, Артан Груби, тука беа сите. Останатиот дел од пратеничките беа со нашите пратенички. Нечесно е да кажеме затоа што немаат, можеби некој и има а јас не знам, некакви хируршки зафати. Тие беа таргет и директно напаѓани, удирани, исто како нас.
Медиуми: Како го коментирате остуството на Али Ахмети, имајќи предвид дека имаше најави дека координирана ви беше стратегијата?
Заев: Отстуството на Ахмети беше осмислено и со причина. Причината, претпоставувам ја знаете и ќе извлечете анализа. Тоа беше смислено и координирано со намера да не биде присутен таму.
Медиуми: За сценариото не ни кажавте дали го знаевте?
Заев: Кој би се надевал на вакво сценарио во мала земја каде што како што реков, роднини фаќаме. Не се надевавме. Видовте дека чинот на избор го направивме на најмирен најненасилен начин во пленум салата заедно со присутно мнозинство, транспарентно, отворено, со целата доза на внимателност. И секако, имаше бојазност бидејќи времето во кое тоа се случуваше, знаеме дека е време во кое се одржуваат протестите. Но и покрај тоа, одговорноста да и се соопшти на јавноста, да се сподели со вас новинарите кои бевте под ризик исто како нас е нешто кое мора да остане во доменот на човечноста, одговорноста и транспарентноста. Го направивме тоа што секој здраворазумен човек би го направил, презедовме чекори, ја инсформиравме јавноста и секако, се грижевме за процесите. Очекувавме одредени насилства кога видовме дека ќе влезат, но го видовме жарот, намерата, злото, ѓаволштината во очите на луѓето да направат убиство. Тие и зборуваа за убиството, како ќе се случи, како ќе го направат тука пред вас пред нас, пред сите.