(ВИДЕО) Спасовски: Поднесуваме иницијатива, веднаш да продолжи конститутивната седница!

Денеска поднесовме конкретна иницијатива во Собранието на Република Македонија.

Повеќе да нема од никого изговори и дилеми околу обезбеденото парламентарно мнозинство и тука ги доставивме 67-те пратенички потписи и покрај тоа што Деловникот тоа не го бара и не налага таква обврска за да продолжи конститутивната седница, изјави Оливер Спасовски, пратеник и генерален секретар на СДСМ.

Очекуваме Трајко Вељаноски веднаш да свика продолжение на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија. Конечно оваа клучната институција како претставнички орган на граѓаните на Република Македонија да почне да функционира затоа што мора да работи и функционира во интерес на државата.

Прв чекор е избор на претседател на Собранието, кој ќе го тргне и последниот неразумен аргумент на Ѓорге Иванов, кој е должен да му го даде мандатот за состав на Влада на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, додаде Спасовски.

Одговори на новинарски прашања

Медиуми: Дали се договоривте со ВМРО ДПМНЕ околу членовите во Комисијата за избори и именување, заради тоа што имате спротивни ставови?

Спасовски: Денеска ја поднесуваме оваа иницијатива, очекувам дека претходно ќе се свика координативна средба на пратениците, односно пратеничките групи во Собранието на којашто ќе ги отвориме сите прашања за којшто треба да имаме разговор, договор и на крајот да одиме на продолжување на конститутивна седница.

Медиуми: Според Деловникот, претседателот на Собранието нема рок за кога да ја закаже продолжувањето на конститутивната седница, мислите дека нема бргу да се свика?

Спасовски: Прво, ние немаме претседател на Собрание тоа е прва и основна работа. Второ, конститутивната седница е започната и за неа нема рок, таа може веднаш да биде свикана и да биде продолжена со работата. И мислам дека на висина на одговорноста треба да биде секој пратеник, секоја политичка опција, а најмногу еден поранешен претседател на Собранието, и не смее во никој случај да става во заложништво институции на системот, а со тоа државата и граѓаните на Република Македонија.

Медиуми: Дали имате избрано координатор на пратеничката група?

Спасовски: Ние немаме се уште координатор на пратеничката група, очекуваме да биде закажана седницата за да можеме сите тие формалности којшто се во рамките на Собранието да ги завршиме.

Медиуми: Имате ли разговори со ДУИ, БЕСА и Алијансата, во однос на можноста за иден претседател на Собранието?

Спасовски: И вчера имаше такви прашања. Очекуваме да биде закажана седницата, продолжување на седницата, претходно ќе седнеме сите политички опции ќе разговараме околу можниот кандидат, односно лицето кое би било предложено пратеникот за претседател на Собранието.

Медиуми: Само СДСМ е подносител на иницијативата со 67?

Спасовски: Би сакал да е СДСМ со 67, меѓутоа сите заедно сме 67 како подносители.

Медиуми: Што ако Трајко Вељановски го кочи продолжението на седницата, имате план за тоа?

Спасовски: Јас реков дека очекувам дека ќе биде на ниво на задачата и ќе биде на ниво на сопствената одговорност пред граѓаните на државата и очекувам да ја свика седницата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e