(ВИДЕО) Составот на Владата ќе се знае по враќањето на Заев од Брисел

Составот на новиот владин кабинет ќе се знае  по враќањето на мандатарот Зоран Заев од Брисел, велат од СДСМ, без да дадат повеќе детали дали трите партии  на Албанците ќе бидат дел од Владата и дали некоја од нив ги одреди имиња на новите министри. Од партијата на Али Ахмети велат дека тие ќе раководат со речиси истите министерства што ги имаа и во владата со ВМРО – ДПМНЕ, со исклучок на министерството за образование со кое ќе раководи ДР – ДПА, а за возврат ќе го земат министерството за здравство. Лидерот на ДУИ не ги откри имињата на министрите, велејќи дека се развива дебата за избор на најдобри можни кадри. Но, како што дознава Алсат М, во ДУИ има расправии меѓу разните лоби страни за да имаат посилни позиции во Владата.

„Се уште нема некое конкретно име, се уште правиме консултации за да имаме што поприфатливи решенија. Сега не можам да кажам кој е најдобар. Кадрите се тие и секој има своја предност и како што вели народот, секој има свои маани“. – изјави Али Ахмети, претседател на ДУИ

Ахмети исто така рече дека во владината програма нема да биде целосно вклучена заедничката платформа на Албанците, туку само најважните точки, како што се интеграција на Македонија во НАТО и во ЕУ и спроведување на итните реформски приоритети. Од друга страна, од движењето Беса велат дека не одлучиле дали ќе учествуваат во Владата или не и чекаат одговор од Заев за нивните барања за тоа во Владата да нема инкриминирани лица, да се спроведе заедничката платформа на Албанците и вклучување на точките од нивната програма во владината програма. Како што дознава Алсат М, во случај на позитивен одговор, еден од ресорите со кој може би ќе раководи Беса е ресорот правда. Инаку, на седницата на централното претседателство на ДР – ДПА со која раководеше генералниот секретар на партијата, Арбен Таравари, едногласно ја овластиле работната група да преговара со Зоран Заев за евентуално учество во неговата реформска влада. Сепак, како што се вели во соопштението на ДР – ДПА, конечната одлука за учество во владата ќе ја донесе најтесното раководство на партијата. Во случај на позитивен одговор, партијата на Села ќе раководи со ресорот образование или здравство, а ќе има и еден заменик министер и вицепремиер. Новата влада согласно уставните рокови треба да биде изгласана најдоцна до 6 јуни кога истекува рокот од 20 дена за формирање на влада од мандатарот Зоран Заев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e