Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ продолжува со спроведување на реформите што значат отворање на вратите на Европската унија за Република Северна Македонија рече Снежана Калеска –Ванчева, пратеничка од СДСМ и коалицијата на денешната прес конференција.
Реформите во правосудството, владеењето на правото и унапредувањето на правата на граѓаните, се наш врвен приоритет.
На вчерашната седница, со двотретинско мнозинство беше усвоен пакетот реформски закони – Законот за прекршоци, Законот за управни спорови и измените на Законот за судови , кои значат усогласување со европското законодавство, но и овозможуваат значително олеснување на казнената политика што е во интерес на граѓаните.
Овие реформски закони се усвоени со широк консензус, што е од исклучително значење за нивната натамошна примена.
Со Законот за прекршоци се става крај на драконската казнена политика, воведуваме превенција наместо репресија, а казните се намалуваат и до 75 отсто.
Казните за физички лица ќе изнесуваат од 15 до максимални 250 евра, наместо досегашните максимални 1.000 евра.
Минималната глоба за малите фирми според новиот закон ќе биде 50 евра, а максималната 2.000 евра што е намалување за два и пол пати во споредба со стариот закон кога максималната глоба изнесуваше 5.000 евра.
Истовремено, овозможуваме и можност за изрекување опомена доколку прекршокот е сторен по прв пат и не нанесол штета врз јавниот интерес.
Законот за судови, кој доби позитивно мислење од Венецијанската комисија, овозможува спроведување на судските реформи кои беа најавени и кои се дел од Стратегијата за реформи на правосудниот сектор.
Со новиот Закон за управни спорови се прецизира постапката пред Управниот суд, се зголемува транспарентноста и јавноста на постапките во управниот спор преку задолжителноста на јавна расправа во постапката.
На тој начин овозможуваме ефикасна правна заштита за граѓаните во управниот спор.
СДСМ преку Владата и парламентарното мнозинство што ги предводи останува целосно посветена на реформите што ја водат државата напред и го олеснуваат животот на граѓаните. – порача таа.
