Почна чистењето на спомениците и објектите. На скелиња со кофи вработени во фирмата „Перфект чисто“ денеска ги чистеа трагите од Шарената револуција на Триумфалната порта, пренесе 24 ВЕСТИ.
Топовите на шарената револуција кои се активираа пролетва ги обоија триумфалната порта, спомениците во паркот жена-борец, собранието, владата, фонтаната на плоштадот министерството за култура и неколку други споменици.
Боите на спомениците неколкупати досега се обидоа да ги исчистат фирми, но и домаќинки кои тврдеа дека се собрале спонтано. Со кофи вода, сунѓерчиња и сјаеви ги чистеа спомениците велејќи дека е жалосно што се бојат.
Инаку фирмата „Перфект Чисто“ има примарна дејност чистење на згради.
Според дел од медиумите градежната компанија „Бетон“ во мај годинава повторно го добила тендерот за нови 24 месеци во кои ќе треба да ги одржува фонтаните и спомен-обележјата.
Според Бирото за јавни набавки проценетата вредност на договорот е 730 000 евра за една година. Но дали оваа фирма покрај одржувањето има и обврска да ги чисти спомениците а наместо нејзе тоа го прави друга компанија, град Скопје ќе одговори наредната недела, кога службите ќе се вратат на работа.