Не поминува ден, а Никола Груевски да не се појави на отворање фабрика, нова зграда или друг државен проект. Така беше и вчера, кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ присуствуваше на пуштањето на текстилната фабрика на германски Лутекс во Велес, објави ТВ24.
Доцнеше половина час, но тоа не им пречеше на германските газди стрпливо да го чекаат. Откако церемонијата заврши, изјава даде само тој. Зборуваше за успешните економски политики на владата.
„Настапувам во својство на партија што ја води владата Поканет сум денеска, сопственикот најдобро ќе ви одговори во кое својство сум тука, но како претседател на партијата сум должен да ги следам проектите кои партијата ги вети на граѓаните.“ – изјави Груевски.
Груевски и вчера имаше слични активност, кога правеше увид во изградбата на зградата на ЕЛЕМ. Му реферираше првиот човек на оваа компанија. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ повторно даде изјава, која потсетуваше на времето кога тој беше премиер.
За многумина, ова е преседан во поновата македонска политичка историја. Аналитичарот висар адеми смета дека во време кога новата влада е се поизвесна, ваквото однесување на Груевски е продолжување на филозофијата на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, чиј први луѓе сакаат да ги претстават државните институции како приватна сопственост на партијата.
„Оваа паралелна држава е филозофија на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Ова што го прави бившиот премиер е само продолжување на таа филозофија на владеењето. Времето на таквите на Груевски е минато време, со ова тој само ги подбутнува последните проекти и таму кај што земале кеш за тие проекти да се испразни касата на тие министерства.“ – вели Висар Адеми – економски аналитичар
Според Адеми, Македонија нема брзо да закрепне од ваквиот начин на владеење. На државата итно и требаат професионалци и луѓе од кариера, кои ќе воведат нов тип на владеење, без популизам, преку макотрпна и чесна работа.