Ресорите поделени – се финализираат имињата на идните министри. Заев, Ахмети и Села влегуваат во финален договор се уште се чека на одлуката на Касами дали и БЕСА ќе биде дел од владата или не, објави ТВ 24.
Спасовски, според информациите ќе ја напушти позицијата генерален секретар на СДСМ, а на негово место, доколку не замине во извршната власта, најверојатно ќе дојде Љупчо Николовски, кој е и пратеник во Собранието.
Под контрола на СДСМ остануваат министерствата за финансии каде се споменуваат Драган Тевдовски и Кире Наумов, за труд и социјална политика каде како најсериозен кандидат е Мила Царовска, но во игра се и уште неколку други опции. Сеуште се прецизираат имињата за министер за транспорт и врски, земјоделство и култура. Конечно тие би се знаеле до крајот на неделава. Извесно е дека Радмила Шеќеринска ќе биде дел од извршната власт, но за неа се вртат повеќе позиции, како што се вицпемиерското место или министерството за одбрана. Дамјан Манчевски пак, се споменува како координатор на пратеничката група на СДСМ во Собрание, но не е исклучено тој да биде исфрлен и како нандидат за извршната власт или пак да замине во локалната власт. Преговорите траат – се бираат кадровските решенија – па неизвесно е дали Заев сепак ќе одлучи од пратеничката група да изнесе уште неколку луѓе во извршната власт.
Од ДУИ брифираат дека ќе ги задржат досегашните министерства – за правда, економија, локална самоуправа и животна средина, а министерството за образование кое сега го имаат, ќе оди во рацете на СДСМ, додека ДУИ инсистира да го добие министерството за здравство каде е можно повторно да се врати Бујар Османи, но во игра има и други имиња.
Одлуката на Беса најверојатно ќе биде позната во следните два дена, но оттаму брифираат дека не отстапуваат од нивните барања за отворање на дебата за дел од етничките прашања кои што се чувствителни а јавноста. Сеуште постои голема веројатност Беса да не биде дел од идната влада, но ова ќе се знае по враќањето на Зоран Заев од Брисел.
Дали Беса ќе биде дел од владата или пак поддршката ќе ја дава однадвор веројатно ќе се знае утре. Од партијата на Касами велат не отстапуваат од нивните барања да се отвори дијалог за редефинирање на државата, идните министри да не бидат опфатени со постапки од Специјалното, но и Јавното обвинителство.