(ВИДЕО) Илиевски: Не знаев дека постои прес центар во Собранието, влегов во кафана да го искористам тоалетот

Четвртиот Илинден останува на улиците еднаш неделно. Според еден од иницијаторите, Богдан Илиевски, во интервју за Макфакс, немало ништо националистичко на протестите, иако на видеоматеријал неколкупати се слуша скандирање навредливи зборови за Албанците.

„Никогаш во живот не сум го употребил зборот на ‘ш’, напротив, инсистирам моите сограѓани да ги нарекувам Македонци од албанско етничко потекло иако други луѓе зборуваат за разни други семантики. Тоа никогаш не било дел од идејата ‘За заедничка Македонија’, нашето име укажува на нашиот концепт на заедништво. Првиот ден имаше мала група која скандираше шовинистички, националистички и навредливи пароли, а ние веднаш се оградивме, на лице место реагиравме, и истите никогаш не се повторија. На 60. ден, веројатно на сите им е јасно, луѓето кои влегоа во Собранието не беа луѓето кои дотогаш протестираа заедно со нас“, изјави Илиевски во интервјуто дадено за Макфакс.

На прашањето дали на нивните протести имало инфилтрирани луѓе, Илиевски рече дека не знае.

„Сѐ уште не можам да ги склопам сите коцки во главата. Се случија многу работи. Не знам кога и од кого би ги дознал. Јас не знаев дека има прес-центар во Собранието, а некој знаел. Не знаев дека има повредени пратеници. Јас, Дамовски и Дурловски 60 дена организиравме мирни протести, и протестите излегоа од контрола. Искрено сметам дека постоело сценарио за провокација на такво сценарио. Не може еднострано да ги гледаме работите бидејќи има неколку индикативни моменти, луѓето од тиранската коалиција рекоа дека имале информации дека се подготвува нешто, па затоа Али Ахмети не бил на седницата. За овие работи треба да зборуваме и треба да ги откриеме“, вели Илиевски.

Богдан Илиевски вели дека на местата каде што тие делувале, како на скалите и ходниците, немало немили сцени, и дека не биле таму каде што имало насилство. Според информации на Макфакс, за време на насилните инциденти Богдан Илиевски бил отсутен од 30 до 45 минути, време во кое не одговарал на телефонски повици. Тој демантира.

„Од бина, по 5-6 минути, уште кога луѓето не беа влезени, а вратите беа затворени, ја прерипав оградата, отидов, па потоа повторно се вратив на бина, мислам дека нешто зборував на микрофон. Дали бевме на друго место, не знам. Единствено, двапати отидов до една кафана во близина за да го искористам тоалетот бидејќи беше многу топло, пиев многу вода и бев под стрес. Инаку, цело време бев наоколу“, вели Илиевски за Макфакс.

На неколку од снимките може да се види Илиевски како разговара со цивили и припадници на полицијата, по што, тој го потврди тоа.

„Разговарав цело време со полицајците, не е само таа снимка на скалите. Прашајте ги, ако внатре беа, на пример, 100 полицајци, јас разговарав со 70 од нив. Разговарав, прашувајќи ги што можеме да направиме за да се смири тензијата, за да нема турканици меѓу нив и луѓето. Застанувавме на влезната врата кога решија да не пуштаат веќе луѓе внатре. Тие, пак, сметаа дека нема да можат да се вратат ако излезат, а, пак, другите дека воопшто не ќе можат да влезат. Ние се обидувавме некако да ги смириме користејќи некаков си авторитет и препознатливост. Така што, се разбира дека разговаравме со луѓето внатре“, додава Илиевски.

Тој не обезбедил вода, туку апелирал до луѓето надвор да купуваат и носат вода во Собранието, а тој бил курирот од пред вратата до внатре бидејќи полицијата имала поставен блок, а тој ги молел барем него да го пуштат да влегува и излегува. Според Илиевски, премногу акцент се ставило на носењето вода. Засега, Богдан Илиевски не е повикан во обвинителство да даде исказ за кобните случувања во Собранието.

Коментирајќи ја интернет петицијата за нивна одговорност, Илиевски вели дека ова е слободна земја и секој може да го прави тоа што мисли дека треба да го прави. Според него, СДСМ се обидува да ги заплашува иницијаторите преку граѓанскиот сектор, но не исклучува дека е можно иницијативата да е оригинална.

Според Богдан Илиевски, на улиците има поддржувачи во доволен број. Признава дека бројот на граѓани е намален, но тоа е поради различни причини. Илиевски вели дека откако ќе помине време, луѓето кои се депримирани ќе се рехабилитираат, а за тоа тие ќе им помогнеле преку правната битка што ја воделе.

Враќањето на улиците ќе било во првиот момент кога ќе оценеле дека тоа е прифатливо, а конкретен ден и час сѐ уште нема. Илиевски ја демантира информацијата дека бил во ВМРО-ДПМНЕ на консултации, а според него, неговото поврзување со партијата секогаш го имало и ќе го има, но истото не го демантираше.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e