Претседателот на ДУИ, Али Ахмети не одговори конкретно на изјавата на Никола Груевски кој во интервју за весникот „Дневник“ потенцираше дека ДУИ ако не коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, тогаш во иднина вратите за можно коалиционирање со оваа партија ќе бидат затворени. Од друга страна, Ахмети потврди дека започнал со преговори за новата влада со победничката партија, објави ТВ21.
АЛИ АХМЕТИ – ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДУИ:
АЛИ АХМЕТИ : Ние ќе преговараме со партијата која добие повеќе мандати.
ТВ21: Дали сте разговарале досега со некоја партија, има многу гласини во јавноста
АЛИ АХМЕТИ : Сите тие гласини ги отфрлувам, и навистина се неосновани затоа што немавме ниту една официјална средба.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во текот на вчерашниот ден предупреди дека доколку ДУИ не го почитува принципот на преговарање со победникот, тогаш ниту неговата партија нема да го почитува овој принцип на наредните избори.
„Ако ВМРО-ДПМНЕ како победничка партија биде изиграна од ДУИ, независно кои ќе бидат причините за тоа, бидете убедени дека наскоро ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати на голема врата во владата и тоа најмалку два мандата по ред. И ќе бидеме без каква било обврска при составувањето на владата“, вели Никола Груевски.
„Ние не можеме да предвидиме кој со кого ќе коалицира. Ние можеме да зборуваме за нашите принципи и неколку пати сме кажале дека ДУИ му должи на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ. Ние не можеме да го процениме ова, ние знаеме дека тие со години се поддржуваат и нивната 10 годишна љубов остава заложници“, изјави Фатон Фазлиу – движење БЕСА
Од Алијанса на Албанците велат дека нема да одговорат на поканата на Груевски и нема да коалицираат со ДУИ и со ВМРО-ДПМНЕ затоа што нивните политики се како што велат, штетни за граѓаните.
„Не сакаме да ги коментираме извештаите на една 8 годишна коалиција, која ние како Алијанса на Албанците постојано сме ја критикувале и ќе останеме на ставот дека тие биле најлошата двојка за Албанците во 26 годишната историја на Македонија“, велат од АЛИЈАНСА ЗА АЛБАНЦИТЕ..
Од денеска течат роковите за формирање на новата Влада со мандатарот Груевски. Претседателот на ДУИ Али Ахмети во интервју за Клик Плус што ќе се емитува утревечер ќе ги открие сите опции за формирање на новата Влада.