Министерството за внатрешни работи поднесе неколку прекршочни пријави против дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов. Прекршочните пријави се поднесени по неколку основи, а поврзани се со сообраќајната несреќа која се случи во петокот вечерта во која еден од актерите беше токму Спасов.
„Пријавите против Спасов се заради напуштање на местото на несреќата и неизвестување на полицијата, за непостапување по наредба на униформиран полициски службеник и за неприспособување на движење според условите, за да може навремено да запре“, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Но, за дополнителниот заменик министер Диме Спасов целиот случај е политичка хајка и како што вели искористување на институцијата МВР за политички цели и нарушување на неговиот углед. Тој во гостувањето во ТВ НОВА рече дека извештајот на МВР повеќе личи на партиско соопштение, отколку на полициски извештај. Спасов воедно додава дека тој не удрил никого, туку дека бегал од непознати за него лица кои, како што вели, се заканувале по неговиот живот.
„Очекував транспарентна и правична истрага од страна на МВР раководено од СДСМ. Меѓутоа гледајќи го извештајот на МВР кој повеќе личи на партиско соопштение отколку на полициски извештај, може да се заклучи дека ова е обид за моја политичка и општествена дискредитација и дисквалификација“, изјави Спасов.
ТВ21 успеа да обезбеди изјави и од повиканите лица, кои според Спасов го бркале „Туарегот“ . Тие тврдат дека цело време додека возеле зад него зборувале со службеникот на МВР на бројот 192 и дека всушност тие пријавиле дека е предизвикана сообраќајна несреќа.
„Џипот „туарег“ беше паркиран тука, видовме дека полицајци во цивилно возило беа паркирани тука и тоа со оружје во рака. Кога видоа дека е министерот, тогаш го одложија оружјето, влегоа во колите и заминаа. Потоа на секои пет минути доаѓаа припадници на единицата „Алфи“, а тој по 30 минути, ја затвори вратата, ја остави девојката и замина пешки“, изјави Етем Абази.
Министерот во гостувањето на ТВ НОВА изјави дека лицата го бркале со оружје и дека се исплашил дека ќе биде физички нападнат. Сепак, тие негираат такво нешто.
„Ние не сакавме да го тепаме, не сме ни имале оружје. Ако сакавме да го тепаме не би се јавиле во полиција. Кога би имале оружје не би биле сега на слобода“, рече Даут Динарица.
ТВ21 се обиде неколку пати да стапи во контакт со Диме Спасов и да ја обезбеди втората страна на приказната. Сепак, тој не одговараше ниту на повиците, ниту на СМС пораките. Со цел да ја добиеме и неговата верзија за настанот, ја посетивме и неговата домашна адреса.
Инаку сообраќајка се случи во петокот пред полноќ. Од МВР велат дека дополнителниот заменик-министер Диме Спасов со возило на Агенцијата за вработување „фолксваген туарег“, предзвикал две сообраќајни несреќи и избегал. Одговорноста за сообраќајките се обидел да ја преземе на свој грб службениот возач на Спасов, но неговиот исказ не бил автентичен. Сопатничката Спасов, Т.К. своерачно потпишала изјава дека тој го управувал возилото и дека немало други дејствија, како бркање, тропање по возилото и слично, изјави Спасовски на денешната прес-конференција.
Извор: ТВ 21