Паралелно со неизвесноста на политичката сцена, продолжуваат и обидите на ВМРО-ДПМНЕ да направи разлика меѓу актуелната дипломатска постава во амбасадата на САД во Скопје и новата администрација во Вашингтон и така да се влијае на развојот на настаните по изборите. Целта е да се покаже дека Џес Бејли и неговите соработници солираат и дека не ја следат политиката на Вашингтон, иако Стејт департментот, на првиот ден од мандатот на новиот државен секретар Рекс Тилерсон, потврди дека стои и го поддржува амбасадорот Бејли. Обидите на ВМРО-ДПМНЕ се на повеќе колосеци – освен преку медиумското пропагирање дома, зад сцената се случуваат напори да се направи контакт со новата администрација и најверојатно да се ангажира нова про-републиканска лобистичка компанија, бидејќи актуелната „Дашл груп“ е блиска до демократите.