„Да се случеше ова во Британија, оставката ќе беше поднесена, прифатена а јавноста ќе добиеше извинување“, изјави Маја Петрушевска, продукциски менаџер во светскиот сервис ББЦ во емисијата „360 степени“ на Алсат-М. Однесувањето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и на нивниот функционер Диме Спасов, како од морален, така и од политички аспект беше тема за која се дебатираше во емисијата.
Според комуникологот Петар Арсовски, правило во ваква ситуација е веднаш да биде поднесена оставка поради огромната штета што инцидентот ја предизвикува врз наративот на партијата, но тоа, не се случува само затоа што ВМРО-ДПМНЕ и робува на сопствената политичка догма, според која, тие не смеат да се откажуваат од своите луѓе а таа сега е во конфликт со ПР- правилата.
„Тоа не може да заврши со добар епилог, ниту за партијата, ниту за Спасов кој ќе биде принуден целосно да ретерира“, смета Арсовски.
На Спасов му недостига професионален морал па затоа и се иззема од одговорност. „Очигледно е дека го нема усвоено тоа градиво, едноставно, тој не присуствувал на тој час“, рече универзитетскиот професор по етика, Дејан Донев.
Со тезата дека оставката е високо морален и потребен чин се согласи и Андреја Стојковски од Македонскиот центар за европско образование.
(погледнете ја целата емисија во видеото подолу)