(ВИДЕО) 360°: Повик за одлука за преговори со Скопје и Тирана во март од министерскиот состанок ЕУ-Западен Балкан во Солун

Како Скопје да стигне до Брисел, беше една од главните теми на министерската конференција „од Солун до Загреб“ што се одржа овде во вториот по големина град во Грција. Прашањето доаѓа во критичен период – во пресрет на објавувањето на извештајот на Европската комисија, најавено за идната седмица. Во очекување на овој документ, кој ќе биде еден од реперите по кој земјите-членки ќе се раководат при носењето на одлуката – можеби веќе на 24 март кога ќе заседава Советот за општи работи на ЕУ, пораката пратена од Солун е дека местото на Западен Балкан е во Унијата и дека за Северна Македонија и за Албанија оваа пролет треба да има одлука за почеток на преговори.

„Очекуваме дека во согласност со препораките на ЕК, ЕУ ќе донесе одлука за почеток на пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија пред самитот во Загреб во мај, по можност веќе во март“,

се вели во завршната изјава од денешната конференција.


Никос Дендиас-министер за надворешни работи на Грција

„Нашата почетна работна хипотеза е дека овие две земји, Северна Македонија и Албанија, ќе ги исполнат условите што ќе ни овозможи, посакуваме уште во март, да им дадеме на овие две земји датум за старт на пристапни преговори. Ова е и желба и надеж на Грција. Од 2003 година постојано баравме проширување на Европската Унија во регионот и учество на балканските земји, особено на Западниот Балкан, во европскиот проект. Веруваме дека ова е од полза за Европа и дека ќе го олесни развојот на економијата и мобилноста. Албанија, сепак, има одредени услови кои се уште треба да ги исполни, но се надеваме дека двете земји ќе бидат подготвени и дека нема да биде потребно да се соочуваме со болни дилеми“,

вели Никос Дендиас-министер за надворешни работи на Грција.


Миро Церар-министер за надворешни работи на Словенија

Јас сум умерен оптимист. Силно сум уверен дека ЕУ мора да ги исполни своите ветувања и сум убеден дека Северна Македонија и Грција направија историско постигнување со потпишувањето на Договорот од Преспа. Северна Македонија навистина покажа голема политичка мудрост, храброст и подготвеност за реформирање на земјата. Така, нема сомнеж дека Северна Македонија заслужува старт на пристапните преговори. Исто така, веруваме дека и Албанија заврши добра работа, особено со ветингот. Ние се надеваме, Словенија се надева, дека двете земји ќе добијат покани за старт на пристапните преговори во март и ќе сториме се што можеме тоа да се случи“,

вели Миро Церар-министер за надворешни работи на Словенија.

Опасноста што ја демне иницијативата за одлука за двете земји во пакет е неусогласеноста на земјите-членки за ова прашање. Дел од нив, како Холандија и Данска, засега не се уверени дека Тирана заслужува иста одлука како и Скопје, додека Париз и Берлин не сакаат раздвојување, т.н. дикаплинг. Дека ова прашање се уште не е надминато признаваат и дел од министрите учесници на конференцијата.

Министре, дали може да биде проблем ставот на Холандија и спојувањето односно раздвојувањето на Македонија и на Албанија?


Гордан Грлиќ Радман- министер за надворешни работи на Хрватска

Па видете, вашето прашање е добро и ние сме свесни за одредени проблеми. Но, исто така, Европската Унија е семејство, каде секое мислење може да биде различно, но секому му е во интерес да има некаков консензус за важните стратешки прашања. Јас мислам дека европскиот пат на земјите од Западен Балкан е стратешко прашање во интерес на целата Европска Унија. Ако ЕУ сака да покаже сила и влијание, тогаш тоа мора да го стори токму на прашањето за проширувањето“,

вели Гордан Грлиќ Радман- министер за надворешни работи на Хрватска

Дали гледате проблем со предлозите за спојување или раздвојување на двете земји, поради ставот на Холандија?

Ова претставува предизвик, но верувам дека тој може да се надмине. Сведок сум на добри сигнали во последните недели, но се разбира ќе мора да чекаме до последниот момент и можам само да кажам дека Словенија многу силно ќе ги поддржува Северна Македонија и Албанија за да добијат покана и да го почнат овој процес. Ова е многу важно и за граѓаните на двете земји, конечно да го видат светлото на крајот на тунелот“,

вели Миро Церар-министер за надворешни работи на Словенија.

„Jа заслужуваме наредната фаза“, изјави Никола Димитров, користејќи ја содржината на американски филм за да го опише македонскиот случај во ЕУ-интеграциите.


Николa Димитров-министер за надворешни работи

За мене, за мојата држава Северна Македонија, чувството е, и го кажав тоа пред министрите, се чувствувавме како главниот протагонист во филмот „Денот на мрмотот“ (Groundhog day). За оние од вас што го гледале овој филм, станува збор за метеоролог кој постојано се буди во истиот ден, преживува повторно и повторно еден ист ден, се додека не направи се совршено за да се разбуди во следниот ден. Не мислам дека сме совршени. Но, мислам дека имаме многу силни аргументи, како решавањето на спорови кои се стари со децении и домашната реформска агенда. Мислам дека заслуживме да се придвижиме, да го почнеме следниот ден, што во суштина е процесот за пристапни преговори. Некои министри зборуваа со поезија и песни. Така, еден рече: регионот многу наликува на песната „Не можеме да живееме со вас, но и без вас“, кога станува збор за Европа. Но, јас го употребив филмот за да илустрирам каде се наоѓаме“,

вели Николa Димитров-министер за надворешни работи.

Впечатокот е дека еден од најрелаксираните министри денеска во Солун беше Ивица Дачиќ. Шефот на српската дипломатија успеа да го релативизира дури и прашањето дали неговата земја ќе ја прифати новата методологија за пристапување, која на француско инсистирање, ќе се однесува на Скопје и Тирана.


Ивица Дачиќ-министер за надворешни работи на Србија

Па знаете што, ние, јас би сакал кога вашето прашање би имало основа, а тоа значи дали ќе имаме што и да прифаќаме. Јас се плашам дека денеска никој нема да праша за тоа. Европската Унија, се разбира, сама ќе одлучи за методологијата. Нам ни е кажано дека во оваа фаза на нас самите е да избереме дали ја сакаме таа нова методологија или ќе продолжиме по старата. Во секој случај, ќе видиме. Најважно е проширувањето да остане на агендата и нашиот регион да ја има таа европска перспектива“,

вели Ивица Дачиќ-министер за надворешни работи на Србија.

Домаќините од Грција денеска сакаа да ја искористат и симболиката што ја има Солун. Тука, во сега далечната 2003, беа зададени насоките за интеграција на западниот Балкан во унијата. Сега, 17 години потоа, се реафирмира таа идеја чиј прв чекор треба да биде одлука за почеток за преговори за Македонија и Албанија пред мајскиот самит во загреб, каде пак уште во 2000 година беа удрени темелите на проширувањето кон овој дел од Европа.

Од Солун за „360 Степени“, Владимир Мирчески.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e