Само една одлука за одредување притвор на лице блиско до ВМРО-ДПМНЕ беше причина структурата што се уште го има влијанието во судството да се мобилизира и да назначи ново-стар претседател на Врховниот суд и в.д претседател на Кривичниот Суд, за ништо да не се остави на случајност во иднина. Одлуките на Судскиот Совет коинцидираат со истрагата за сомневањата за тендерски криминал од 17 милиони евра што ја води СЈО во која за еден од осомничените, Сеад Кочан беше изречена мерка притвор. Кочан, случајно или не, паралелно со носењето на судската одлука на напуштил Македонија, а неговиот адвокат Никола Додевски веќе неколку дена се обидува креативно да го толкува Законот за кривична постапка и да тврди дека неговиот клиент незаконски добил притвор, па дури и дека е слободен човек. Дали станува збор за креација или манипулација на Додевски, кој патем е бранител на речиси сите видни членови на ВМРО-ДПМНЕ осомничени или обвинети од СЈО?