Викенд-интервјуто на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, продолжува да биде предмет на различни интерпретации – од патриотско-државнички до губитнички. Интервјуто е повод за анализа и од аспект на контрадикциите со претходно изнесуваните ставови од ДУИ, особено за текот на преговорите за формирање влада, за односот на двете страни кон прашањето за јазикот во тие преговори, за ставот на ВМРО-ДПМНЕ кон другите етнички прашања. Внимание предизвикува уште една разлика – ВМРО-ДПМНЕ сега неколкупати промптно ги демантира тврдењата на ДУИ дека и од Груевски биле барани писмени гаранции за прифатливост на поставените услови иако факт е дека ВМРО-ДПМНЕ не реагираше кога портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, пред десетина дена изјави дека првпат во историјата на независна Македонија, двете најголеми партии на Македонците имаат идентичен однос кон етничките прашања. Ви ги презентираме тие контрадикторности, односно каде ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не можат да се договорат зошто не се договориле.