(ВИДЕО) 10 новинари на „Утрински“ пред отказ, Керим вели – нема политика, мора да се штеди

По веста дека 10 новинари може да бидат отпуштени од „Утрински весник“, новинарите од овој медиум на прес конференција изјавија дека нема да дозволат ниеден од новинарите на весник да биде отпуштен. Тие додаваат дека „Утрински“ ќе мора да продолжи да функционира, а на кој начин, тоа ќе му го остават на менаџментот, пренесува ТВ21.

„Ставот на „Утрински весник“ е дека ниту еден вработен во не смее да биде отпуштен од работа и весникот мора да функционира. Како, нека си мислат менаџерите не е наша работа. Мнозинството од вработените го поддржаа тој став и никој нема да си замине од работа“, смета новинарот Љубиша Станковиќ.

Станковиќ додава дека минатата недела разговарале со директорот на МПМ – Срѓан Керим кој првично им ветил дека нема да има отпуштања од работа, за по неколку дена да добијат информација дека весникот не е профитабилен и 10 новинари мора да останат без работа. Керим за ТВ 21 изјави дека станува збор за целосно непрофитабилен весник за кој немаат друга опција освен да избркаат неколкумина од нив.

„Станува збор за мерки на заштеда по сите основи, не се само за новинарите на „Утрински весник“. Трошоците да се намалат за компанијата стабилно и финансиски да работи. Весникот нема да се чепка и нема место за шпекулирање дека зад ова се крие политика. Никаква политика освен интересите на компанијата кои налагаат да се штеди, кога поминуваме низ финансиски проблеми. Нас ни е жал што ги засега нив, но немаме избор, да имаме нема таква мерка да преземеме“, изјави Керим.

Ако компанијата има проблеми со финансии, треба да ги остават новинарите да го работат тоа што го знаат, а не во последен момент да ги цензурираат и да им се менуваат наслови, велат од Здруженијата за заштита на новинарите.

„Затоа страшно е денеска да останеш без работа, бидејќи ако ве таргетираат како професионален новинар нема да имате каде да работите бидејќи се е под контрола.Тоа се техники кои нацизмот ги спроведувал во логори. Или сите ќе ве убиеме или изберете 10 од вас кои ќе бидат стрелани. Нашите новинари по медиумите се изложени под ужасен терор. Оваа прес конференција сфатете ја како еден од почетоците на јавно давање на отпор “, изјави претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис.

Според новинарските здруженија, единствени механизми против сопствениците се трудовата инспекција и судовите кои не функционираат како и политичката јавност која, како што велат, ја слушаат во бомбите.

„Ако некоја политичка гарнитура сака да ги помогне медиумите може да го направи тоа со субвенционирање. И така оваа влада сака се да субвенционира. Зошто не им текна да дадат субвенции за медиумите, такви модели има секаде во светот. Но на нив не им се потребни медиумите затоа што сакаат да владеат без контрола“, изјави Насер Селмани од ЗНМ.

Медиа Принт Македонија е во сопственост на поранешниот претендент за претседател на Обединетите нации, Срѓан Керим, и најбогатиот Македонец според магазинот „Форбс“ – Јордан Камчев. Под МПМ влегуваат 3 дневни весници, еден спортски и еден неделен магазин како и графички центар. За изминатата година МПМ пријавиле загуба од 1 милион и 800 илјади евра на ниво на компанија, а на вработените им објасниле дека ниту една работна единица не работела профитабилно.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e