Иако вечерта на 11 декември ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа на парламентарните избори, сепак во партискиот штаб не можеше да се забележи победничка еуфорија, а разочарувањето, стравот, немирот и збунетоста од изборниот резултат можеше да се види на лицата на сите присутни министри, пратеници, новинари, актери и други симпатизери на партијата на власт, кои со нетрпение ги очекуваа резултатите.
Ако се направи споредба со последните неколку изборни циклуси, може да се забележи голема разлика во нивното однесување. Досега вмровците само два часа по затворањето на избирачките места излегуваа на прес-конференции на секои 15 минути и прогласуваа победа, најпрвин во селата, а подоцна и во поголемите градови. Таа улога беше резервирана за Влатко Ѓорчев, кој го паметиме по легендарните зборови „Победивме и во Могила, во Чешиново – Облешево, во Новаци…“ Нешто по 22 часот владејачката партија веќе почнуваше да ја слави победата на плоштадите низ државата, а поранешниот премиер Никола Груевски со долг говор, кој секогаш го чита од лист хартија, еуфорично тврдеше дека и овојпат ја „згазиле“ опозицијата.
Но, оваа година тоа не се случи. Во барокното седиште вечерта поминаа најдолгите неколку часа во кои го немаше вообичаеното расположение, а изостана и брифирање на новинарите. Партиските челници се појавуваа одвреме-навреме, но ништо не зборуваа, очекувајќи ги резултатите во страв.
Некаде доцна по полноќ, откако партијата доби податоци за пребројаните гласачки ливчиња во речиси сите избирачки места низ државата, на говорницата во штабот се појави лидерот Груевски. Тој уште еднаш прогласи победа, но овојпат не звучеше премногу сигурно, соопштувајќи ја само разликата во гласови меѓу двете најголеми партии, а не и добиените мандати. Неговиот говор со аплауз го проследија Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Владимир Пешевски, Зоран Ставрески, Никола Тодоров, Никола Попоски…
За да ви го доловиме психолошкиот портрет на Груевски, одлучивме да поразговараме со лекар од областа на психијатријата, кој од стручен аспект го објаснува однесувањето на првиот човек во партијата и неговите најблиски соработници во изборната ноќ, како и за време на кампањата.
ЗНАЕ ДЕКА ЛАЖЕ И ВЕРУВА ВО ТОА ШТО ГО ЛАЖЕ
Невропсихијатарот Мице Дудучки од Куманово, во последните две децении интензивно се занимава со социјалната психијатрија и редовно ги следи политичките и социоекономските случувања во земјата. За време на неговото дваесетгодишно работење, тој тврди дека стекнал целосна слика за општествената психоза во која функционира државата од нејзиното осамостојување, па сѐ до актуелните настани.
Дудучки додава дека успеал да стекне слика и за психолошкиот профил на луѓето од политичкиот естаблишмент, особено кога тие се на власт, но и да направи увид во нивната психопатологија. Властодршците, според него, се со изразена способност за манипулирање и склони се кон секаков вид измама и злоупотреба на другите, а за своја лична корист. Тие редовно наметнуваат свои ставови и идеи на другите, со цел да ги контролираат.
– Обично се вели дека власта е таа што го расипува човекот, а јас го тврдам обратното, дека расипаниот човек ја злоупотребува и ја расипува власта, а жртвите се секако граѓаните на нашата земја – тврди невропсихијатарот.
Изборната кампања, според Дудучки, ги соголила до експлицитност психолошката и психопатолошката структура на политичарите, особено тие во државниот врв. Во текот на изборната кампања, која не била ниту коректна, ниту цивилизирана, за првпат се покажало црнилото во душата на владејачката врхушка, ама и стравот од евентуален изборен пораз.
Тоа најмногу можело да се забележи кај лидерот Груевски, во „победничкиот“ говор вечерта на 11 декември, во кој преовладувала анксиозноста изразена преку говорот на неговото тело. На неговото лице се гледала извештачена, неприродна насмевка на циничност, која, и покрај лошата, лажна актерска игра, била јасно видлива за публиката што го следела обраќањето.
– Безизразното лице, вештачката моторика, која беше во спротивност со вистинските емоционални доживувања, од кои доминантна беше анксиозноста, но и субјективното чувство на дебакл поради нереализирање на желбите за најмалку 63 пратеници ја карактеризираа лажната еуфорија на Пировата победа, поточно субјективното чувство на доживеан пораз – тврди Дудучки.
Целиот текст можете да го прочитате тука