Величковски: Ќе го продолжиме мандатот на СЈО

Бидејќи мандатот на Специјалното јавно обивинителство од 18 месеци за покренување случаи бил договорен меѓу лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, од Либералната партија велат дека по изборите ќе го продолжат мандатот.

„Нашата поддршка за СЈО е загарантирана. Откако Ванхауте соопшти дека смешниот 18 месечен период за поднесување обвиненија бил договорен лично меѓу Груевски и Заев, ние, либералите и јас лично ви гарантираме дека мандатот на СЈО ќе биде продолжен. За да се расчисти работата! За да одиме и на реформа во судството и за процесите да добијат правен епилог согласно закон! За таа цел, гарантираме формирање на Специјално одделение во Кривичниот суд во првите три месеци по изборите. За да има епилог“, порача лидерот на ЛП, Ивон Величковски, во четврток, на претставувањето на изборната програма на Либералната партија – „Либералната доктрина за консолидирана Македонија“, што се одржа во хотелот „Континентал“ во Скопје.

Тој вели дека изборите ниту ќе бидат фер, ниту демократски, а ќе бидат кредибилни само онолку колку што на пар дипломати и на пржинската четворка им треба да си ја смират совеста.

„Пржинската четворка намерно уфрли дефокусирачки теми. Жалам што тоа го направи прво најголемата опозициска партија. Го уфрлија национализмот и додворувањето кон гласачите по основа на етнички кампуси“, додаде Величковски.

Во програмата предвидуваат дека ќе ја бранат секуларноста, западната ориентација на земјата, владеењето на правото и претприемништвото. „Нема пари – нема мир! Рамковниот настрана од изборите! Ревизија на издадените дипломи за партиски вработувања! Укинување на целосната забрана за пушење во локали и за продажба на алкохол по 19 часот.“

„Со оваа буџетска политика – десничарите го отепаа бизнисот, а со прогресивното оданочување левичарите ќе го дотепаат. Па зарем сакате поголеми даноци за бизнисот и граѓаните што и онака се истормозени во овие 25 години?“, праша Величковски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e