Одлуката на Врховниот суд за прифаќањето на Барањето за заштита на законитоста (БЗЗ) за притворот на Сеад Кочан, донесена од Кривичен совет со кој претседвала Јово Вангеловски е скандалозна и незаконито од повеќе аспекти, пишува Сведок.
Објаснувањето што го даде Врховниот суд и самиот Вангеловски дека во одлуките на Кривичните совети на скопска единица и на Апелациониот суд имало најмалку две повреди на законитоста, не се правни аргументи, туку директен упад во судството, кое ќе има многу негативни последици за македонската правна пракса, доколку ваквата одлука остане на правна сила.
Првата и најважна работа по оваа одлука е дека од сега, никој не може да биде притворен се додека не стане правосилно решението за притвор, што го изместува целиот концепт на гонење во земјава.
Ристо Катавеновски, судија на Врховниот суд
Врховен, во оваа одлука, за која гласале само тројца судии, востановува пракса која гласи: на РЕШЕНИЕТО на судијата на претходна постапка за определување на мерка притвор веднаш стапува на сила и жалбата не го одлага извршувањето, но Решението на Кривичниот совет со кое се определува притвор нема да се изврши и лицето нема да биде притворено се додека тоа не стане правосилно, ако за истото има поднесена жалба.
Врховниот суд се повикува на општ член, во случајов 442 од ЗКП, иако токму за притворот има посебни одредби, кои не се генерални како што е оваа.
Јово Вангеловски за ДВ тврди дека во постапката имало повеќе повреди на законитоста, меѓу кои две биле посуштествени.
„При барање на мерка притвор, еден од предусловите е да се достави доказ за основите на сомневање дека е сторено кривично дело. Во случајов, од страна на СЈО не е доставен таков доказ, а Судот направил повреда на законот кога без доставен доказ одредил мерка притвор“, наведува Вангеловски.
Тој потенцира дека треба да се има предвид и дека судија на претходна постапка првично го одбил барањето за мерка притвор. На таквото решение СЈО тогаш вложи жалба, која потоа Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 ја прифати, оценувајќи дека се исполнети сите услови за одредување притвор и донесе наредба за приведување на осомничениот. Според Вангеловски, при таа одлука била направена втората посуштествена повреда на законитоста.
Рахилка Стојкоска, судија на Врховниот суд од ноември 2016 година
„Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, дал правна поука дека жалбата на ваквото решение не го одложува нејзиното извршување. Тоа не е точно. Со првото поднесување жалба на решението, се одлага извршувањето на тоа решение. Тоа е јасно пропишано во членот 442 од Законот за кривична постапка. Според тоа, судот не требало веднаш да одреди притвор, ниту да бара да се распише потерница“, вели Вангеловски.
Со исто образложение тогаш реагираше и адвокатот на Сеад Кочан, тврдејќи дека неговиот клиент е слободен човек и дека не може да се смета дека е во бегство со неправосилно решение, односно, сѐ додека судот не се произнесе по жалбата на одбраната. Но, наспроти овие аргументи, беше спротивставен ставот дека кога осомничениот е во бегство, првостепеното решение за притвор е извршно веднаш.
Но, да видиме што вели Кривичниот закон и дали во случајов долгогодишните судии кривичари Гордана Спиреска и Љиљана Ивановска Шопова кои ги предводеа советите во единица и во апелација згрешиле или Вангеловски, заедно со Ристо Катавеновски и Рахилка Стојковска го прочитале само членот 442 од ЗКП, заборавајќи да ги погледнат спецификите за притворот утврдени во членот 169 од ЗКП.
ЗКП, Член 169 Доставување на решението за притвор и правото на жалба
(1) Решението за притвор му се предава на лицето на кое се однесува веднаш, но не повеќе од шест часа од неговото изведување пред судијата на претходна постапка. Во списите мора да се назначи часот на изведување пред судијата и часот на предавањето на решението.
(2) Против решението со кое се определува притвор, притвореното лице може да се жали до советот од членот 25 став (5) (КРИВИЧЕН СОВЕТ на судот, составен од тројца судии, н.з.) на овој закон во рок од 24 часа од ча- сот на предавањето на решението. Ако притвореното лице прв пат се испитува, по истекот на овој рок, може да изјави жалба при сослушувањето. Жалбата со препис од записникот за сослушување, ако притвореното лице е сослушано, и решението за притворот се доставуваат веднаш до советот. Жалбата не го задржува извршувањето на решението.
(3) Против решението на судијата на претходна постапка со кое се одбива предлогот за определување притвор, дозволена е жалба во рок од 24 часа до сове- тот од членот 25 став (5) на овој закон. Жалбата не го задржува извршувањето на решението.
Против решението на советот од членот 25 став (5) на овој закон, со кое се определува притвор, обвинетиот има право на жалба во рок од 24 часа за која одлучува советот на повисокиот суд.
(4) Во случаите од ставовите (2) и (3) на овој член советот што одлучува по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа.
(5) Јавниот обвинител и бранителот можат да бараат да бидат известени за седница на советот и на седни- цата усно да ги изнесат и да ги образложат своите предлози. Нивното недоаѓање не го спречува одржува- њето на седницата.
Ова е членот кој ја регулира правната ситуација во која се најде случајот на Сеад Кочан. Нему, судијката на претходна постапка Даниела Димовска, не му определи притвор, одбивајќи го барањето на СЈО. Тоа е ставот 3 на членот, кој му дава право на СЈО во случајов, да поднесе жалба до Кривичниот совет. Законот вели жалбата не го одлага извршувањето (па доколку Кочан беше во притвор и се жалеше немаше да биде пуштен, туку од притвор ќе ја чекаше одлуката на КС, ниту пак во оваа ситуација можеше да биде задржан за да ја чека одлуката на КС).
Но, она што е најважно, законот во ниту еден став не прави разлика помеѓу тоа кој го носи решението, ниту го омаловажува советот составен од тројца судии, за нивното решение за определување на притвор да биде помалку важно и жалбата да го одлага извршувањето, наспроти тоа на судијата поединец од претходна постапка.
Затоа, правната злоупотреба на Врховниот суд е направена во овој дел, па од сега натаму, секој ќе се повикува на ова решение дека не може да биде притворено лице со Решение на КС, додека истото не стане правосилно.
Ефектите од таквото толкување веќе се видливи од примерот на Кочан, замина на „службен пат“ кој траеше речиси 70 дена, се додека Врховниот суд не му отвори пат да се врати назад.
Да го видиме и делот од ЗКП, на кој Врховен суд решил да ја заснова неговата одлука, применувајќи го нопштиот член 442 за суспензивно дејство на решенијата по кои е изјавена жалба.
Член 440 од ЗКП: Дозволеност на жалба против решение
(1) Против решението на судијата за претходната постапка и против другите решенија на судот донесени во прв степен, странките и лицата чиишто права се повредени можат да изјават жалба секогаш кога во овој закон изрично не е определено дека посебна жалба не е дозволена.
(2) Против решението на советот од членот 25 став (5) КРИВИЧЕН СОВЕТ (н.з) на овој закон донесено пред и во текот на истрагата, не е дозволена посебна жалба, ако со овој закон поинаку не е определено. Кога со овој закон е определено дека не е дозволена посебна жалба, решението може да се побива со жалбата на пресудата.
(3) Решенијата што се донесуваат заради подготвување на главната расправа и пресудите можат да се по биваат само во жалбата на пресудата. Член 441 Поднесување на жалбата (1) Жалбата се поднесува до судот што го донел ре- шението. (2) Жалба на решението се поднесува во рок од три дена од денот на доставувањето на решението, ако со овој закон поинаку не е определено Член
442 Суспензивно дејство на жалбата
Ако во овој закон поинаку не е определено, со поднесувањето на жалбата на решението се одлага извршувањето на решението против кое е изјавена жалба.
Сеад Кочан кој по одлуката на Врховен се врати од „службен пат“
Врховниот суд, во случајов со примена на општиот принцип за суспензивно дејство на жалбата, одлучил спротивно на одредбата од член 169 од ЗКП, кој се однесува на притворот и каде што се наведени посебно можностите на жалби. Токму делот „ако со овој закон не е поинаку определено“ укажува дека на друго место токму поинаку е определено за оваа правна ситуација и од таму, одредбава е неприменлива за конкретниот случај.
Тоа што во законот во делот кај Советот, во последниот став не стои за одлагање на решението, ја покажува целовитоста на тој член, кој не прави разлика помеѓу решенијата донесени од судија на претходна постапка и кривичен совет, а кон тоа оди и целта на определување на притворот бидејќи еден од основите е да не може лицето да се даде во бегство кога ќе му биде соопштено дека против него е определена мерка притвор или пак да го повтори делото или да влијае на сведоци, основи прецизно утврдени во законот.
Со ваквата одлука, судиите на Врховниот суд сериозно го повредиле законот, за што Советот за утврдување факти треба да утврди нивна одговорност и санкција, која за ваква одлука треба да значи разрешување од функцијата.
Претседтелот на Врховниот суд Јово Вангеловски за да го прифати барањето за заштита на законитост поднесено од обвинителот Ацо Колевски од обвинителството на Марко Зврлевски, иако предметот е на СЈО, три пати го менуваше составот на Кривичниот совет се додека не се осигура дека одлуката ќе биде донесена со најмалку три галса, како што била во случајов.
Од советот прво беше тргната Лидија Неделкова, а по неа и Лидија Тасева, за на нивно место да биде ставена досегашна управна судијка Рахилка Стојковска, која како трет глас и дала легитимитет на одлуката заедно со Вангеловски и Ристо Катавеновски, а судиите Џемаили Саити и Фаик Арслани биле против ваквата одлука.
Извор: Сведок