По долгата политичка криза на економијата ќе и треба време за да закрепне. Во периодот што следува новата Влада треба да се насочи кон ревитализација на економијата и санирање на последиците од политичката криза, порачуваат експертите и бизнисмените. Статистиката веќе регистраше пад на економските показатели. Во март индустриското производство е намалено за 0,9 отсто во споредба со истиот период лани. Намалување има и кај странските инвестиции, кои заклучно со февруари се во минус од скоро 13 милиони евра.
Ребаланс на Буџетот, стабилизирање на јавниот долг, реформи во пензискиот систем, поддршка за домашниот бизнис сектор, субвенции за земјоделците-ова се само дел од економските предизвици што треба да бидат приоритет на новата Влада. Бизнисмените порачаа дека новата Влада треба да биде отворена за дијалог со стопанствениците и поради ударот од политичката криза сега за бизнисот е важно да се врати ликвидноста на ниво кое ќе овозможи нови инвестиции во стопанството. Според бизнисмените важно е новата Влада да ја утврди динамиката на раздолжување со стопанството
„Во тој отворен дијалог ќе се зборува отворено за јавниот долг, отворено за меѓусебните договорни обврски, креирање на план за подмирување на истите, но секако и за тешки моменти коишто можеби ќе бидат нужни да се преземат и како влада, но и како бизнис сектор, а тоа е можеби и менување на фискалната политика, даночната политика. Но кога има отворен дијалог секако решенијата се наоѓаат“, вели Фатмир Битиќи, од Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Од бизнис секторот укажуваат дека е потребно да се обезбеди ист третман на домашните и странските инвеститори, да се намали борјот на адмнистрација, но и да се промени досегашната пракса на често менување на законите кои се вршеа без консултација со стопанствениците.
Скусен просторот за задолжувања
Според економистите приоритет на новата Влада треба да биде ребалансот за да може навреме да сервисираат обврските за исплата на плати, пензии, субвенции, социјална помош. Укажуваат дека едно од клучните прашања е и нивото на јавниот долг. Според анализите идната Влада нема голем простор за задолжувања, а со сегашното ниво брзо се приближуваме кон црвената линија. Во последните години, Македонија е изложена на забрзано темпо на задолжување, што придонесе македонскиот државен и јавен долг да се удвои во релативно краток временски период. Од Институтот за економски анализи и истражувања „Finance think“, посочуваат дека одржливото ниво на македонскиот државен долг треба да се движи помеѓу 41% и 48,7% од БДП.
Целиот текс на порталот Фактор прочитајте го тука