Правдата е во интерес на сите, посебно на Бошњаците!
Тврдењето на ТВ Нова дека СЈО прави атак врз бошњачката заедница е трагикомично, секако не е аргументирано.
1. Интересите на една компанија, телевизија и една група на луѓе не се еднакви со интересите на бошњачката заедница.
2. Колку пресконференции и обвиненија досега изгледавме од СЈО? Да не почнат овие од ТВ Нова да ме убедуваат дека и градоначалникот на Битола доби домашен притвор дека е Бошњак, или дека Никола Груевски е на обвинителна клупа во суд дека е Бошњак.
3. Или можеби од ТВ Нова сега ќе почнат да нè убедуваат дека било кој што се декларирал како Бошњак треба да биде амнестиран за се што правел затоа што е Бошњак.
Впрочем, СЈО е формирано поради селективноста на Јавното обвинителство. Таму селективноста беше пред се дека за луѓето блиски до власта немаше закон, ниту држава.
Ете, после тврдењето на ВМРО- ДПМНЕ дека СЈО е инсталација на странски служби кои атакуваат врз Македонија и македонштината, сега добивме уште една бесмислено тврдење, атакувалe врз бошњачката заедница.
Како што овие 10 години сум се борел против политички монтираните процеси и сум го кревал гласот за политичките затвореници, како што сум се борел против спектакуларни апсења пред телевизии и против нарушувањето на презумцијата на невиност, така ќе продолжам и понатаму. Секој е невин додека не се докаже на суд дека е виновен и секој мора да има фер судење.
Правда мора да има, а бошњачката заедница не смее да биде заложник на било чии интереси.