Трендафилов: Работниците живеат со 24.000 денари, функционерите со 150.000 денари

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, преку објава на Фејсбук јавно ја изрази разочараноста од исходот на денешната седница на Економско-социјалниот совет, обвинувајќи ги институциите дека немаат волја да ја зголемат минималната плата.

„Нема изгледи за покачување. Не убедуваат дека платата од 24.400 денари има поголема куповна моќ од половина Европа. Веројатно затоа што функционерите со 79% зголемени плати живеат подобро од половина Европа“, пишува Трендафилов.

Тој вели дека работниците во Македонија добиле понижувачки одговор: „дека треба да бидат среќни со тоа што имаат“ и дека „ССМ многу бара“.

„Помеѓу плата и политика има 79% зголемени функционерски плати и 0% зголемени работнички плати. Кога ќе ги стигнеме тие 79%, тогаш ќе зборуваме и за политика – до тогаш зборуваме само за плата,“ вели Трендафилов, предупредувајќи дека ССМ и понатаму ќе се бори за достоинствени услови.

Претседателот на ССМ истакна дека токму заради вакви ставови во минатото се правеле обиди за упад и поделби во Синдикатот:

„Сакаа да си најдат полтронски синдикат кој ќе седи на иста маса со Владата и ќе поддржува сè што ќе кажат, дури и на штета на работниците. Нека им е со среќа“, порача тој.

Трендафилов ја потсети јавноста дека ССМ е единствен синдикат кој протестирал и штрајкувал, спроведувајќи и генерален штрајк со кој биле изборени 10% покачување и регрес за јавниот сектор. „И тогаш не клекнавме, нема да клекнеме ни сега.“

„Ако некој мисли дека ние бараме премногу, нека излезе еден работник и нека каже: ‘Не ми треба покачување’. Но додека и еден работник бара плата, ние ќе сме тука“, категоричен е Трендафилов.

Во завршницата од статусот, тој упати апел до пратениците:

„Пред да се распишат избори, нека го изгласаат Законот за минимална плата. Работниците не можат повеќе да чекаат. 63.000 членови на ССМ и 620.000 работници од Македонија бараат повисоки плати – не Слободан, туку народот.“

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e