Неколку детали беа битни за пропаѓањто на „Големиот план“ за конечно спречување на мирната транзиција на власта: проигрување на замислената дпмнеовска битка околу собранискиот микрофон, како повод за меѓупратеничка војна, отпорот кој го даваат неколку телохранители, снимките кои ја обликуваат брзо јавноста како сигурен противник на пучот и секако промена на командата врз дел од полициските единици. Потоа доаѓа оној прес на Иванов, во основа многу срамен, кој сепак става точка на крвавата ноќ
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Како што поминува времето, така се расчистува целта и методите на она што може да се нарече слободно – насилно рушење на институциите на крајот на април. Груевски и неговата камарила сакала преку спојот на надворешниот долго подготвуван упад во Собранието од страната на Жена паркот и спој со пратениците на ВМРО ДПМНЕ, што требало да инсценираат ситуација која би му ги одврзала рацете на претседателот Иванов да прогласи вонредна состојба. Во принцип тој чекор според Уставот е работа на Собранието, по предлог на претседателот, во случајот Иванов, ама кога не работи Собранието, односно кога тоа се дави во крв и лелеци, се е дозволено, нели, проценка е на монструозниот ум кој сакал да ја креира иднината на Македонија после 27 април.
ТИЕ СПИКЕР, НИЕ ТЕНКОВИ НА УЛИЦА Овој датум, кој не е фиксиран, туку е врзан за денот кога демократурата (имаме текст во бројот кој пак го објаснува овој поим) ќе го изгуби првиот лост на власта, во случајот новиот спикер на Собранието. Во тој случај речиси и не е битно дали најважната точка на отпорот – Иванов, и натаму ќе измислува пречки да не го дава мандатот на новото парламентарно мнозинство. Практично лесно ќе се дојде до нова Влада, па ќе имаме веќе две институции кои ќе функционираат нормално.
Значи, клучниот бедем во она што партиските активисти на ВМРО ДПМНЕ го објаснуваат на теренот како „власта не ја даваме“ (имаме и текст во овој број за таа „идеологија“) е да не дојде до избор на претседател на Парламентот и тука се поставува „црвената линија“ по чие преминување од страна на политичкиот противник, се подготвуваат извежбани сили,. Комбинација меѓу припадници на безбедносните сили и уличниот џган кои би го започнале крвавиот пир.
По повеќенеделно малтретирање на пратеничкото мнозинство со деловнички финти, новата коалиција најави порешителен избор на нов спикер и речиси и го постави на дневен ред за 27 април. Со јавни изјави. Дотогашната власт преку парламентарецот Илија Димовски даде „последна опомена“, во стилот на видовито лице (што би се рекло во аглосаксонскиот свет – медиум) раскажувајќи што ќе се случи ако дојде до тој избор, во случајот на Талат Џафри, чие име беше усогласено кај предлагачите кои имаа доволно гласови да го изведат тоа.
ТЕЛЕФОНОТ ЅВОНИ ОД ВИЕНА За тој момент, исто така, јавноста веќе знаеше, бидејќи кај нас нели се функционира според онаа народната „кај царот Трајан козји уши“. Глобус во повеќе наврати пишуваше, речиси во детали за т.н. план Б на ДПМНЕ и тој со мали промени се – случи!
Накусо, во тој миг на 27 април две лица ги нема на своите места – претседавачот на Собранието во 18 часот ја прекинува седницата и не дозволува натамошно работење (за потоа изборот на Талат да се прогласува нели за нелегитимен, како што папагалски си зборува се уште ДПМНЕ преку своите претставници) а Груевски претходниот ден отпатува за Виена, како од таму би командувал со операцијата на насилно преземање на власта (има алиби од типот „јас не сум оттука“).
Пратениците на фактичката опозиција, оние 51 минус еден, договорено, го окупираа делот каде што е микрофонот и спикерската фотелја и подготвено очекуваа судар со колегите, кои, според нивната претпоставка, ќе навалат да ги преземат тие точки на власт.

ПРВИОТ КИКС Тука се случува првиот кикс на планерите на операцијата „план Б“ – и новото парламентарно мнозинство има свои сценарија и го избива првиот адут на пучистите. Така, изборот се прави во средина на салата, со сите импровизации, ама сепак „според правила на службата“. И така – добиваме продолжена седница (овој термин го користи американскито амбасадор, да напоменеме, во признавањето на изборот) и има видливост и јасност во процедурата. Бидејќи претседавачот е заминат, мнозинството одлучува да избере ново раководство на седницата, се предлага кандидат, се гласа и толку: Џафери е избран, дава изјава пред речиси комплетниот состав на Собранието (недостасуваат Велјановски, Али Ахмети и комплетната „постава“ на Беса, што заслужува друга анализа, во посебен осврт).
Пратениците од ДПМНЕ се обидуваат со врева, пеење на химната и слично евентуално да испровоцираат насилство односно да направат циркус со кој потоа би го спореле изборот, ама од тоа нема ништо. Дамите остануваат со уредни фризури (добро де, со такви какви што имаат) а машкиот дел е веројатно во дилема: како да се продолжи со пучот? Имено, недостасува битното оправдување за нападот – „нашите пратеници се натепани а Џафери е избран со крв“.

КОН ВТОРАТА ФАЗА Веројатно стигнува команда се да продолжи и без вистинскиот повод. Глупаво е една гломазна и крајно деликатна за изведба операција да пропадне на првиот кикс. Имено, се одлучува да се оди кон втората фаза – ќе се направи се’ за со насилство внатре, во Собранието, да се испровоцира реакција барем однадвор. За тоа зошто се влегло внатре ќе се мисли „отом – потом“, како што често велат уличните активистки на ДПМНЕ. Па тројца пратеници, заедно со шефот на обезбедувањето на Парламентот ги подигнуваат теговите од системот на обезбедување на вратите на петте влезови. Се исклучуваат камерите, Третата, собраниска програма пушта некој филм за археологија, полициското обезбедување е редуцирано и демотивирано да дава отпор а железните огради се тргнати,, бидејќи, првиот човек на Јавна безбедност Чавков ја симнува оценката за загрозенот на Парламентот претходно за еден или два степени пониско. Јасно, затвоените се и тајните подземни премини за излез од Собранието.
Во Трговскиот центар, со денови е подготвена онаа толпа на набилдани типови, составена од познати прекршителина на законот, безбедњаци кои имаат „слободни активности“ и слично, со по некој активист, која чека во ходниците од овој објект и н даден повик јурнува кон Парламентот. Го поминува тревникот пред Собранието и влетува внатре. Единствена пречка е димензијата на главната врата. Напаѓачите ги гушкаат полицајците а вистинскиот аусвајс е ако имате качулка, која е посебно препознатлива кај оние кои го „чуваат“ Собранието.
СЦЕНАРИЈА Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу подоцна,, на прес, потврди дека на 27 април имало сценарио кое би било повод за прогласување воена состојба од врховниот командант на АРМ, претседателот Ѓорге Иванов. Тој во интервју на Телевизија АЛСАТ-М рече дека на 27 април Иванов и структури од МВР, поточно од Управата за безбедност и контраразузнавање подготвиле сценарио кое би се искористило за прогласување на воена состојба. „Сценариото кое според моето мислење постоеше е да се удри по Собранието. Има и гласини кои не сум ги потврдил, односно дека полицајците се повлекле од вршење на законските должности, бидејќи слушнале дека треба да чекаат уште некое време, со цел претседателот да ја извади армијата и да прогласи воена состојба“, рече Нухиу.
Тој објасни дека МВР имало три планови за реакција на полицијата за време на протестите, но тие пропаднале поради политичките несогласувања помеѓу разните полициски формациски структури. „Еднаш примив одговор од директорот на Јавна безбедност Митко Чавков дека се преземени мерки и оти сè е под контрола и надвор од Собранието. Тој потоа ми одговори дека ова е народ и не можеме против него“, изјави министерот Нухиу.

ИСКЛУЧЕН СИСТЕМ Во интервјуто за телевизијата Нухиу откри дека во МВР три години не работел системот за регистрација на командите. Тој ангажирал германски експерт да ги провери серверите за снимање на команди, и се открило дека два сервери не биле вклучени во системот за снимање команди и дека системот не работи уште од 2014 година. Министерот Нухиу потврди дека функционер на УБК наредил да се избришат снимките од собраниските камери за време на организираниот напад на Собранието. Двајца вработени добиле наредба од еден висок началник во УБК да влезат во Собранието и да ги земаат хард-дисковите. Иако ги земале хард- дисковите, во собраниската режија имало резервни сервери на кои се чуваат снимките, па снимките како доказен материјал се сочувани. Внатрешната контрола при МВР досега има суспендирано пет полицајци-вработени во собраниското обезбедување бидејќи не го спречиле отворањето на вратите на Собранието ,при што демонстрантите влегоа во Собранието и беа повредени околу 100 пратеници, новинари, полицајци и вработени во Парламентот. МВР прави истрага за уште околу 30 припадници на Министерството за внатрешни работи за нивното однесување и постапување во инцидентите во Собранието. Јавното обвинителство досега има поднесено десетина кривични пријави за учество во организираниот напад на Собранието. МВР плус поднела и две пријави за обид за убиство против двајца насилници кои учествувале во крвничкото претепување на Зијадин Села, лидер на Алијансата за Албанците.
Според пишувањето на аналитичарот Орданоски „елитата“ на полицијата (минус министерот Нухиу, кој останува изолиран од настаните) го преселила својот штаб надвор од кругот на МВР и се фрлила на работа, која се состоела во – нечинење и нејавување. Сите од тоа ззлосторничко здружение морале да ги стават мобилните на маса и меѓусебно да се контролираат – да не излезе некој детал за планот надвор од тесен круг на луѓе. Активирањето на специјалната единица за брзо распоредување е направено дури после 21 часот, кога се добил некој сигнал или некој се премислил во терањето на пучот до крај.
ВТОР КИКС – ИЗГУБЕНО ВРЕМЕ И НЕНАДЕЕН ОТПОР Но, да не го изгубиме контекстот, да посочиме на следните точки на отпорот кои го растуриле извршувањето на злосторничкото сценарио.
Очевидците или поточно жртвите на насилството кажуваат дека линчот на толпата има свој тајминг и тој, преку извежбани за борба поединци, дел од нив во качулки, требале да ја завршат работата во првите 15-20 минути, најмногу во првиот половина час. Нападот секако требал да заврши фатално за врвот на СДСМ и за дел од пратениците Албанци кои би ја зовреле атмосферата во јавноста, би довел до контрапротести и единиците за бебедност (полиција, но и АРМ) би излегле на улица и би ја презеле одговорност за контрола на ситуацијата: граѓанската војна е испровоцирана ама потоа е „контролирана“.
Но, пет-шест лица од обезбедувањето (тројца бодигарди на поранешниот технички министер Оливер Спасовски и телохранителите на Зоран Заев) со својот одлучен отпор го спречиле тој чин на злонамерата. Дел од нив и не биле во Собранието, туку со тешки маки потоа влегле внатре и во првите минути ја сопреле акцијата на разулавената толпа. Истрелот на еден од телохранителите во воздух и држењето на нишан на напаѓачите од страна на одлучен и обучен полицаец од Шестата управа најпрвин направил привремен статус кво (велат од 20 минути) во прес центарот а потоа и во следната просторија каде се повлекле нападнатите (Собраниската сала) во траење од нови 15 минути. Потоа нападнатите и бодигардите се повлечени во помали простории, полесни за бранење. Тоа го мислат тие, напаѓачите секако имале свој „мунасип“ за ситуацијата, бидејќи во дел од тие соби имале уфрлени луѓе или пак истите ги третирале како привремени зандани.
ОД СОБРАНИТО ИЗЛЕГУВААТ МАСОВНО СНИМКИ Во тоа интермецо на насилството има уште една појава која може да биде предмет на дискусија а која покажува дека плановите не се поклопуваат со животните предизвици. Се работи за улогата на телевизиските снимки (и снимки од мобилните кои стигнаа на малите екрани) и преносите кои се вршеа од Парламентот и кои говореа за тоа што всушност се случува таму.
„Ноќта на крвавите глави беше најголемата победа на македонските медиуми последниве години. Скршени, подјармени, аматеризирани и притиснати, тие со директниот пренос на хоророт од Собранието се кренаа од пепелта и со храброста на новинарите на свој начин спречија вистински линч и тие, само тие, беа вистинските чувари на демократијата и слободите. Без овој директен пренос на хоророт и посредната апотеоза на слободата и демократијата, можеби денес на улиците ќе поминувавме покрај тенкови“ – напиша за Дојче веле уредникот во Утрински Љупчо Поповски.
ПРЕЛОМНА ТОЧКА Јасно, и кај „најтврдокорните“ по сликите на обидот за линч, делумно извршен врз пратеникот Села, дојде до промена на свеста и оценката за оправданоста на методот за елиминирање на политичкиот противник.
Значи, доаѓаме до таа преломна точка кога и за најголемиот лаик ќе биде јасно дека ништо нема од пучот во сите планирани точки. Прво, нападот на Собранието останува без алиби (нема тепачка меѓу пратениците и институцијата останува функционално, што го исклучува самовлстието на Иванов), потоа ефектот на насилството, под два е делумен и дава контра-ефект, бидејќи, сликите од окрвавените глави кои излегоа од јавноста не се дел од контролираната медиумска кампања (нели, посебна приказна е исклучувањето на Интернетот во неколкуте часови!), па ефект имаше во јавноста, ама не таков каков што се претпоставувал! Од одгласите во јавноста, особено онаму каде имаме албанско население, се има исплашено некој кој одлучувал – се говори дека оџите на мостот во Сарај спречувале голема маса на луѓе кои решиле да ги се справат самите, место полицијата, која и онака ја нема, со насилниците а дека слична голема група имало кај Бит пазар. Во дворот на партиските простории на СДСМ исто така имало група која се зголемувала од минута во минута!

СОПРЕТЕ ГИ ВАШИТЕ Влетувањето на пратеникот Влатко Ѓорчев во просторијата каде што биле дел од практично заточените политичари од СДСМ и ДУИ со молбата „сопрете ги вашите“, значела дека нечии нерви некаде попуштиле и дека дел од одговорните за пучот практично се сепнале, си ги претставиле во себе последицата од она што се случува и допрва ќе се случи и секако не сакале толку многу да се жртвуваат за спасот на Мијалков, Груевски, Јанакиевски, Јанкуловска…. Дали меѓу нив е и Иванов? Јасно е дека меѓу пратениците пишманлии може да сметаат Ѓорчев и Тодоров, вториов во многу подоцнежна фаза (помош на повредените во болниците) и ниту еден повеќе; кај Бирото за јавна безбедност, кај чавковистите, сигурно и кај удбашите, имало притисок по телефон да го сменат планот, па и тие послушале некого. Кого?
Во периодот меѓу 19.30 и 22.00 часот планираните жртви на нападот на „тврдокорните“ практично биле киднапирани. Политичарите, службениците во Собранието и новинарите. Затворени во одделни канцеларии тие немале шанси ни да излезат надвор од зградата, ниту да се движат по ходниците, ниту да добијат медицинска помош. Оние кои ги киднапирале чекале на следната етапа – апсењето на „непријателските“ политичари и носењето на „сигурно место“. Околу 21 часот министерот Нухиу, без квалитетен контакт со првиот чоек на Јавна безбедност Чавков именува нов командант на ЕБР и наредува нивно влегување во Собранието.
КОНЕЧНО – ПРЕС! Најавата дека претседателот ќе има прес конференција донело олеснување во двата табори! „Тврдокорните“ очекувале дека жешкиот костен ќе го префрлат во рацете на безбедносните сили, откако Иванов ќе прогласи вонредна состојба а заточениците дека Иванов ќе прогласи крај на насилството и дека ќе биде дозволен влез на вистински полицајци и медицинска помош.
Крајот на таа ноќ се знае – потенцијалниот казамат, касарната на Единицата за брзо распоредување во Ѓорче Петров се претвори во импровизиран стационар и безбедно место за киднапираните од каде тие заминуваат или во болница или дома. Две шок бомби – една во Парламентот а втората на улицата „11 Октомври“ ги растера „храбрите“ насилници.
ЕБР го зазедоа Собранието и го држеа следните денови. Другото се знае, иако допрва ќе се детализира и евентуално ќе се процесуира каде има причини и докази за оние кои беа дел од пучот. Потешко ќе оди кај главата на пучот, но секако еден од клучните моменти во поновата историја на Македонија не смее да остане без последната епизода, онаа во која раката на правдата ќе застане на рамињата на оние кои ја заслужиле казната. За наук и за навек.
Извор: Глобус