Прес конференција,
Драган Тевдовски, претседател на Комисијата за економија на СДСМ и член на Извршен одбор на СДСМ,
Скопје, 03.11.2016
Почитувани граѓани,
Власта на Никола Груевски создаде историски највисок јавен долг во Македонија од 4,7 милијарди евра или 50,6% од БДП.
Загрижувачка е брзината со која актуелната власт го зголемува долгот. Долгот по жител денес изнесува 2.350 евра и тој е за три пати поголем во однос на 2008 година кога изнесуваше 750 евра по жител. Во периодот од 2008-ма година, актуелната власт ја задолжува Македонија со по 1 милион евра на ден, односно го задолжува секој жител со по просек пола евро на ден. Оваа година, во 2016 година, темпото на задолжувањето е уште посилно и изнесува скоро 2 милиони евра на ден, односно 1 евро на ден по жител.
Згора на се јавниот долг е поголем од тоа што го кажуваат бројките на Министерството за финансии, бидејќи тие не го вклучуваат долгот на Народната банка, негарантираните долговите на јавните претпријатија и превземените, а неплатени обврски од страна на државата.
Ние имаме план како да управуваме со долгот. Наша појдовна основа е дека не смее да има кратење на платите и социјалните трансфери, туку, напротив, тие треба да се зголемуваат.
Нашата намера е да се откажеме од непродуктивните трошења за фасади, споменици и административни згради. Ние нема да дозволиме владини претставници да користат по 5 возила од администрацијата, туку напротив до работа и од работа и тие ќе одат со сопствено возило како и секој друг вработен во овие институции. Нашиот прв чекор ќе биде граѓаните да имаат увид во тоа како се троши секој денар од државниот буџет. Нашата цел е да обезбедиме поголеми приходи преку посилно оданочување на најбогатите граѓани. Нашиот план е да воведеме независен Фискален совет и правила за јавниот долг кој ќе ги ограничи политичарите да се водат само од сопствениот интерес при донесувањето на одлуки за долгот.
Граѓаните на 11 декември ќе ги променат работите во Македонија! Македонија ќе има одговорно и транспарентно управување со јавниот долг!